Божиновска за Фактор.мк: Новиот закон за обновливи извори треба да ја намали енергетската зависност и да го поттикне домашното производство

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливите извори треба да придонесе за намалување на зависноста од увоз на енергија, забрзување на инвестициите и поголемо домашно производство на електрична енергија, оценува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во авторска колумна порталот Фактор.мк.

Според Божиновска, законот првпат воспоставува посебна правна рамка за обновливите извори на енергија, усогласена со европското законодавство, со која се регулираат националните цели, механизмите за поддршка, гаранциите за потекло, статусот на потрошувачите-производители, енергетските заедници, како и користењето на обновливите извори во секторите греење, ладење и транспорт.

Таа посочува дека една од најзначајните новини е законското уредување на системите за нето-мерење и нето-пресметка, со што домаќинствата и компаниите ќе можат да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби и да управуваат со произведените вишоци.

РЕКЛАМА

Во колумната се наведува дека законот овозможува и формирање енергетски заедници преку кои општините, јавните установи, компаниите и граѓаните ќе можат заеднички да произведуваат, складираат и продаваат електрична енергија.

Божиновска истакнува дека за инвеститорите се предвидени нови механизми за поддршка, меѓу кои повластени тарифи, пазарни премии и двонасочни договори за разлика (Contracts for Difference – CfD), со цел да се обезбеди поголема предвидливост на инвестициите и заштита на јавниот интерес.

Законот предвидува и воведување гаранции за потекло на електричната енергија, како и гаранции за потекло на гасот, а Министерството за енергетика ќе функционира како единствена контакт-точка за инвеститорите и граѓаните преку обезбедување информации, упатства и водичи за изградба на постројки за производство на енергија од обновливи извори.

Според министерката, со новото законско решение во домашното законодавство се транспонираат најновите европски правила за обновливите извори на енергија, а истовремено се исполнуваат и обврските што државата ги има преземено со Договорот од Париз и Интегрираниот национален план за енергија и клима.

Божиновска оценува дека новиот закон претставува основа за забрзување на енергетската транзиција, зголемување на домашното производство на енергија и намалување на зависноста од увоз на енергенси.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил