Божиновска: Поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството

Скопје. 15 април 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, објави значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално живеат и успешно работат во странство.

Во оваа насока, министерката Божиновска оствари средба со Ангела Попова, истакната млада електроинженерка со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло.

На средбата, Божиновска и Попова разменија идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.

Реклама

Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.

„Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија“, истакна министерката Божиновска.

Во врска со иницијативата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е цврсто посветено на отворање канали за комуникација и соработка со македонските професионалци надвор од земјата, надевајќи се дека платформа ќе придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.

Министерството ги повикува сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со Министерството и да станат дел од оваа мрежа. Исто така, упатува повик до граѓаните, доколку се во контакт со некој истакнат експерт – колега, пријател, професор или истражувач – да испратат информација (име, институција, поле на дејствување), со цел да се воспостави контакт. Контакт информации и официјалните адреси на Министерството се достапни на веб-страница www.ea.gov.mk

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement