Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше и се обрати на министерскиот панел на високиот настан „Electricity, Digital and Regional Interconnectivity in South East Europe“, кој се одржа во Солун, Република Грција, со што официјално беше започнат новиот проект на ОЕЦД за унапредување на електроенергетската поврзаност, дигитализацијата и регионалната соработка во Југоисточна Европа.
Настанот собра министри и високи претставници од земјите од регионот, како и претставници на ОЕЦД и европските институции, со цел да се дефинираат приоритетите за модернизација на електроенергетската инфраструктура, подобра регионална интеграција на пазарите на електрична енергија и забрзување на зелената и дигиталната транзиција.
Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека за земјите од регионот енергетските интерконекции и модерните електроенергетски мрежи не се само дел од зелената транзиција, туку се клучни за енергетската безбедност, економската конкурентност и интеграцијата со европскиот енергетски пазар.
„За земјите од Западен Балкан посилните електроенергетски интерконекции и паметните мрежи се од суштинско значење, тие обезбедуваат стабилност на системите, поголема размена на електрична енергија и услови за поголема интеграција на обновливите извори,“ истакна Божиновска.

Министерката нагласи дека Македонија активно работи на неколку клучни проекти за регионално поврзување на електроенергетските системи. Меѓу нив е интерконекцијата Битола – Елбасан со Албанија, за која се очекува градежните активности на македонската страна да започнат во март, со рок за реализација од околу 30 месеци.
Истовремено, земјата активно работи на зајакнување на исток–запад електроенергетскиот коридор во Западен Балкан, кој ќе го поврзе системот на Македонија со Косово и ќе овозможи подобрена преносна способност и поголема стабилност на регионалниот електроенергетски систем.
Божиновска посочи и дека се работи на унапредување на постојната интерконекција Битола – Мелити со Грција, за која веќе е обезбедена техничка поддршка од Western Balkans Investment Framework, како и на новата интерконекција Струмица – Сандански со Бугарија, која е дел од пошироката регионална инфраструктура за електроенергетска поврзаност.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
