Божиновска на средба со новиот Управен и Надзорен одбор на НОМАГАС

Стратешките гасни проекти и забрзувањето на гасификацијата остануваат приоритет

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со новиот Управен и Надзорен одбор на НОМАГАС АД Скопје, на која беа разгледани приоритетните активности и проектите од надлежност на компанијата, со посебен фокус на развојот на гасната инфраструктура и зголемувањето на користењето на природниот гас во земјата.

На средбата беше разговарано за тековните стратешки проекти кои се од особено значење за диверзификација и унапредување на гасната инфраструктура. Интерконекторот со Грција е во финална фаза, додека паралелно се интензивираат активностите и разговорите за реализација на интерконекторот со Србија, со што Македонија дополнително ќе ги зајакне можностите за пристап до повеќе извори и правци на снабдување со природен гас.

РЕКЛАМА

Во тој контекст, беше истакнато и значењето на приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот коридор, кое е најавено за септември. Со вклучувањето во оваа регионална иницијатива се отвораат дополнителни можности за диверзификација на снабдувањето и зајакнување на енергетската сигурност.

Посебно внимание на средбата беше посветено на забрзувањето на процесот на гасификација во општините. Беше разговарано за можностите за воведување дополнителни механизми со кои би се поттикнале општините активно да се вклучат во процесот, додека државата ќе продолжи да создава услови за полесен и подостапен пристап до гасната инфраструктура.

„Нашата цел е гасификацијата да не остане само инфраструктурен проект, туку да создадеме услови природниот гас да стане реално достапен за што поголем број општини, институции и граѓани. За тоа ни е потребна координација меѓу државата, општините и НОМАГАС, но и јасни механизми за забрзување на процесот“, истакна министерката Божиновска.

На средбата беше нагласена потребата од динамична реализација на капиталните проекти, ефикасно управување со гасната инфраструктура и тесна координација меѓу Министерството и НОМАГАС, со цел обезбедување стабилен, диверзифициран и конкурентен енергетски систем.

ФОТО / МЕРМС

Новиот Управен одбор на НОМАГАС го предводи Недим Рама, претседател на Управниот одбор и генерален директор, со Крсте Миладинов како заменик-претседател на Управниот одбор и заменик-генерален директор. Членови на Управниот одбор се и Бошко Стефановски, Хајриз Бучи и Огнен Димитров.

Во Надзорниот одбор членуваат Иво Малинов, независен член и претседател на Надзорниот одбор, Агим Махмути, независен член, како и Златко Ацевски, Катерина Гичев и Саша Ангеловски.

Редовните работни средби се важен механизам преку кој Министерството обезбедува континуирана координација, усогласеност и навремено следење на реализацијата на стратешките проекти и приоритетите во гасниот сектор, со цел ефикасно спроведување на планираните активности и унапредување на енергетската сигурност.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил