Регионалното поврзување, диверзификацијата на изворите на енергија и новите инвестиции во инфраструктурата беа во центарот на пораките од Македонија на јубилејното 10. Southeast Europe Energy Forum – SEEF2026, што денеска се одржува во Солун.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која учествува на форумот, во своето обраќање ги претстави енергетските приоритети на земјата во период кога европскиот енергетски сектор забрзано се менува, а сигурноста на снабдувањето повторно е една од главните теми во регионот.
Од говорницата во Солун, Божиновска посочи дека Македонија преку инфраструктурните проекти се обидува да обезбеди повеќе можности за снабдување и истовремено да се поврзе со главните европски енергетски текови.
Во тој контекст, како особено важни ги посочи гасниот интерконектор со Грција, приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор и интерконекторот со Србија.
„Енергетската безбедност денес не може да се гради изолирано. Таа се гради преку поврзаност, диверзификација и партнерства. Македонија активно инвестира во инфраструктура која ќе овозможи пристап до нови извори на енергија и ќе ја поврзе земјата со клучните европски енергетски коридори.“
Темата за поврзаноста е особено присутна на овогодишниот SEEF, на кој се собраа претставници на владите, енергетските компании, инвеститорите и финансискиот сектор од Југоисточна Европа, Грција, САД и пошироко.
Во дискусиите доминираат прашањата како регионот да обезбеди доволно енергија во услови на растечка побарувачка, но и како инфраструктурата да се подготви за новите потреби што ги носат електрификацијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Токму растечката потрошувачка на електрична енергија и промените во начинот на производство и користење на енергијата, според Божиновска, бараат нов пристап кон планирањето на системот.
„Ни треба енергетски систем кој не само што ќе одговори на денешните потреби, туку ќе биде подготвен за растечката потрошувачка на индустријата, дигитализацијата, вештачката интелигенција и новите технологии. Затоа инвестираме во мрежи, складирање, обновливи извори и прекугранични интерконекции.“
Македонија паралелно го зголемува производството од обновливи извори, инвестира во зајакнување на електроенергетската мрежа и го отвора прашањето за складирањето на енергија. Целта е новите производни капацитети да можат да се интегрираат во системот, а прекуграничните врски да овозможат поголема флексибилност.

На форумот значајно место има и трансатлантската енергетска соработка. Американското ЛНГ, инвестициите во инфраструктурата и новите технологии се дел од разговорите за тоа како Европа и земјите од регионот да ја намалат зависноста од ограничен број извори и правци на снабдување.
За Македонија, ова е дополнителна можност за привлекување инвестиции и за позиционирање во регионалните енергетски проекти, особено во услови кога Југоисточна Европа добива сè поголемо значење на европската енергетска карта.
„Југоисточна Европа повеќе не е периферија на европската енергетска карта. Таа станува еден од клучните региони за енергетската безбедност на Европа. Македонија сака да биде дел од тој процес – како сигурен партнер, како земја отворена за инвестиции и како активен учесник во регионалната енергетска интеграција.“
Од Солун, пораката на македонската делегација е дека енергетската трансформација повеќе не може да се гледа само низ национална перспектива. Интерконекциите, заедничките инфраструктурни проекти и регионалниот пазар стануваат клучни за стабилноста на системите, но и за привлекување нови инвестиции.
Јубилејниот SEEF2026 во тој контекст претставува и место за директни разговори со потенцијални инвеститори и партнери, во момент кога регионот се обидува да ја искористи својата географска позиција за да стане важна алка во европската енергетска инфраструктура.
Енергетика 24
