Тиват. 10 април 2025 – Енергетските аукции се клучен двигател за привлекување инвестиции во обновливи извори на енергија, обезбедувајќи стабилност за економијата и вистински чекор кон климатска одржливост. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за време на панел-дискусијата „Energy Auctions as Catalysts for Renewable Energy Deployment in the Western Balkans“, одржана во рамки на Adria Summit, организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Министерката Божиновска ги презентираше искуствата на Македонија и новиот модел „Contracts for Difference“ (CfD), кој земјата го воведува за поддршка на инвестициите во зелена енергија. Овој механизам, успешно применуван во ЕУ, гарантира предвидливост, заштита од пазарни осцилации и поттикнува конкуренција меѓу инвеститорите.

„CfD е идеален за создавање сигурна инвестициска клима. Со поддршка од ЕБОР и меѓународни партнери, го прилагодуваме овој систем за да постигнеме 1,7 GW од обновливи извори до 2030 година“, изјави Божиновска.
Македонија досега имаше ограничен успех со фид-ин тарифите и премиите, кои резултираа со високи субвенции, често над пазарните цени. Енергетската криза ги изложи слабостите на овој модел, принудувајќи дел од електраните да се откажат од субвенциите за да продаваат на слободниот пазар. Според министерката, новите CfD-аукции, подготвувани во соработка со ЕБОР, ќе се спроведуваат транспарентно и ќе обезбедат директна конкуренција меѓу инвеститорите.
Божиновска ја потенцираше и улогата на меѓународните партнери: „ЕБОР, Светската банка, германската KfW и други институции ни помагаат да градиме соларни и ветерни капацитети, да ја модернизираме мрежата и да отвориме нови можности за зелена енергија. ЕБОР досега вложи над 2,9 милијарди евра во Македонија, што зборува за нашиот потенцијал“.
На панелот учествуваа и министерот за енергетика на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, потпретседателката на CWP Europe, Маја Турковиќ, директорката за финансирање на UniCredit Bank Србија, Светлана Церовиќ, и извршниот директор на New Energy Solutions, Милош Чолиќ. Дискусијата, модерирана од Адил Ханиф од ЕБОР, овозможи размена на искуства меѓу земјите од Западен Балкан и приватниот сектор за унапредување на регулативата и инвестициите во чиста енергија.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини