Скопје. 21 октомври 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, уверува дека Македонија нема да се соочи со проблеми во снабдувањето со природен гас, и покрај најновата одлука на Советот на ЕУ за прекин на увозот на руски енергенси.
Европската унија вчера усвои заедничка преговарачка позиција за предложената регулатива со која постепено ќе се укине увозот на руски енергенси. Според планот, делумната забрана ќе почне да важи од 1 јануари 2026 година, а целосната забрана за увоз на руски природен и течен природен гас (ЛНГ) од 1 јануари 2028 година.
Божиновска, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Македонија веќе работи на алтернативни решенија, меѓу кои клучен проект е гасоводот со Грција, чија изградба треба да заврши до 2027 година.
„До 2027 година гасоводот со Грција треба да биде готов, и сметам дека нема да има проблем во снабдувањето бидејќи прашањето ќе се решава на европско ниво. Македонија е мал потрошувач со околу 500 илјади метри кубни годишно, и на ниво на ЕУ ќе се најде алтернативно решение за сите земји кои ќе се соочат со предизвици,“ изјави министерката.
Таа додаде дека дури и доколку доцни реализацијата на гасоводот или терминалот во Александрополис не проработи, земјата нема причина за загриженост.
„Ќе има решение на ниво на Европската унија. Никој нема да нè остави без гас – тоа е заеднички интерес и за Европа и за сите држави,“ нагласи Божиновска.
Александрополис сè уште не работи, но фактурите се плаќаат
Во однос на закупениот капацитет во ЛНГ терминалот во Александрополис, министерката потврди дека државата редовно ги плаќа обврските, иако терминалот сè уште не е ставен во функција.
„Се плаќаат 250 илјади евра месечно – тоа е договор склучен на 15 години и мора да се почитува. Засега плаќаме нешто што не можеме да го користиме, ниту годинава ќе го користиме,“ рече Божиновска, додавајќи дека ангажирани се правни служби кои ја анализираат ситуацијата.
Таа посочи дека договорот не може да се раскине, но дека времето ќе покаже дали средствата се плаќаат залудно.
„Има поднесени кривични пријави, но досега немаме информација дека нешто е процесуирано,“ додаде министерката.
Енергетика 24