Скопје, 5 јуни 2025 — Цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе остане непроменета, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во интервју за емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Бислимовски информираше дека во јуни ќе биде распишан тендер за универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Иако тендерот е отворен, традиционално на него се јавува државната компанија ЕСМ, која нуди цена значително пониска од пазарната. Според него, најверојатно ќе се продолжи со истата цена од 62 евра за мегават-час.
„Јас не очекувам дека ќе има промена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи“, истакна Бислимовски, нагласувајќи дека сите околности укажуваат на стабилност на цените.
Тој потсети дека од пред година и половина, цените за пренос и дистрибуција на електрична енергија се дефинираат во ноември и декември. Врз основа на тие пресметки, РКЕ потоа ја утврдува конечната цена на струјата за универзалниот снабдувач, којшто може да биде определен за период од шест месеци или една година.
Претседателот на РКЕ се осврна и на состојбата во државната енергетска компанија ЕСМ, посочувајќи дека увозот на јаглен во последните години влијае на производната цена. Дополнително, според него, не може да се очекува термоелектраните да работат беспрекорно поради ограничениот капацитет.
„Факт е дека ЕСМ започна да увезува јаглен, што има свое влијание врз цената на производство. А со сегашните капацитети, термоелектраните не можат да работат без проблеми“, рече Бислимовски.
И покрај предизвиците, РКЕ очекува стабилност на енергетскиот пазар и одржување на поволните цени за граѓаните, барем во претстојниот период.
Енергетика24