Белгија ја укина забраната за нуклеарна енергија по 22 години

Брисел, 21 Mај 2025 — По повеќе од две децении колебање и блокади, Белгискиот парламент минатата недела со огромно мнозинство го отвори патот за нова нуклеарна енергетска ера. Со 102 гласа „за“, осум „против“ и 31 воздржан, пратениците одлучија да го продолжат работењето на нуклеарните реактори Тијанж-3 и Дуел-4 до 2045 година и да дозволат изградба на нови капацитети.

Одлуката означува дефинитивен прекин со политиката од 2003 година, кога под влијание на Партијата на Зелените беше донесен закон за постепено укинување на нуклеарната енергија во земјата. Тој закон предвидуваше затворање на сите реактори до крајот на 2025 година, рок кој сега е формално поништен.

„Федералниот парламент штотуку ја затвори страницата на дваесетгодишна блокада и колебање, отворајќи пат кон реалистичен и отпорен енергетски модел,“ изјави министерот за енергија Матиу Бије.

Реклама

Гласањето доаѓа по силен пресврт во јавното мислење, забележан на последните парламентарни избори, кога граѓаните ја поддржаа про-нуклеарната ориентација на десниот центар и либералните партии, на сметка на Зелените. Главните причини: енергетската криза по руската инвазија на Украина, растечките цени и нестабилноста на електричната мрежа заснована на обновливи извори.

Според Белгискиот нуклеарен форум (BNF), ова е „пресвртна точка“ за енергетската политика на земјата. „Само комбинацијата на обновливи извори и нуклеарна енергија, може да ја обезбеди идната енергетска безбедност“.

Иако законскиот основ е сега цврст, индустриската реализација останува неизвесна. Француската компанија Engie, преку својот белгиски огранок Electrabel, е мнозински сопственик на реакторите, но уште во јануари 2025 година нејзиниот извршен директор изјави дека продолжување на работата по 2035 година е „незамисливо“.

Според договорот од 2023 година меѓу Engie и белгиската влада, реакторите ќе работат до 2035 година, но останува отворено прашањето кој ќе ги управува по таа дата.

Инаку, без оглед на тоа што неколку реактори се веќе затворени, нуклеарната енергија и натаму обезбедува над 50% од белгиското електрично производство.

Извор: VRT.be

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement