BCG: Флексибилноста ќе ја одреди иднината на обновливата енергија

Обновливите извори на енергија до крајот на 2025 година станаа главен извор на електрична енергија во светот. Но нивниот брз раст отвори нов предизвик, прекумерната понуда во одредени периоди ја намалува нивната пазарна вредност и ги доведува во прашање идните инвестиции.

Според анализа на Boston Consulting Group, во Европската унија во 2025 година т.н. „канибализација на вредноста“ им ги намалила приходите на производителите на обновлива енергија за повеќе од 14 милијарди долари. Тоа се должи на фактот што големи количини струја од ветер и сонце истовремено влегуваат во електроенергетските мрежи, предизвикувајќи пад на цените кога побарувачката е ниска.

Во најпогодените европски пазари, вредносниот фактор на ветерната енергија паднал на 0,55–0,65, што значи дека производителите добиваат само околу 55–60% од просечната годишна пазарна цена. Кај соларната енергија овој фактор се движи меѓу 0,45 и 0,65. Истовремено, бројот на часови со негативни цени во некои земји повеќе од двојно се зголемил – од околу 200 часа во 2020 година на над 500 часа во 2025 година, најчесто во периоди на високо производство од обновливи извори.

РЕКЛАМА

Проблемот дополнително се продлабочува поради децентрализиранoто производство. Домаќинствата со соларни панели не само што ги задоволуваат сопствените потреби, туку и го испорачуваат вишокот во мрежата, намалувајќи ја потребата од струја од големи електрани. Кога мрежата нема доволен капацитет да ја пренесе струјата до регионите со повисока побарувачка, производството мора да се ограничува, а во екстремни случаи цените стануваат негативни.

Експертите предупредуваат дека субвенциите и гарантираните цени не го решаваат суштинскиот проблем, несовпаѓањето меѓу понудата и побарувачката. Клучот е во создавање системска флексибилност: менување на тоа кога и каде се троши, складира и пренесува електричната енергија.

Најголем предизвик претставуваат дневните и неделните осцилации. Батериските системи веќе покажуваат успех во балансирање на дневните циклуси, а виртуелните електрани, кои обединуваат повеќе мали производители, складишта и потрошувачи, се проценуваат како пазар вреден над 58 милијарди долари во 2026 година.

Како пример се посочува Финска, каде ветерната енергија во 2025 година учествувала со околу 27% во производството на електрична енергија. Земјата инвестира во батериски системи, нови балансни пазари и електрични котли поврзани со системите за централно греење. До крајот на 2025 година во функција биле речиси 3.000 мегавати електрични котли, околу 25% од врвното оптоварување, кои овозможуваат апсорбирање на вишокот струја во периоди со ниски цени.

Анализата заклучува дека иднината на обновливата енергија нема да зависи од тоа колку нови ветерници и соларни централи ќе се изградат, туку од тоа колку системите ќе станат пофлексибилни. Потребни се реформи во дизајнот на пазарите, планирањето на мрежите, улогата на складирањето и управувањето со побарувачката.

Во спротивно, предупредуваат експертите, енергетската транзиција може да влезе во порочен круг: колку побрзо се додаваат нови обновливи капацитети без соодветна флексибилност, толку повеќе паѓа нивната вредност – и толку помалку атрактивни стануваат новите инвестиции. Победници ќе бидат земјите што ќе извлечат најголема вредност од произведената зелена енергија, а не оние што ќе изградат најмногу капацитети.

Извор: Bcg.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил