Австрискиот канцелар: ЕУ итно да ги намали цените на енергијата

Европската унија мора итно да се фокусира на намалување на цените на енергијата, кои ја „гушат“ европската индустрија, изјави австрискиот канцелар Кристијан Штокер во изјава за POLITICO, во пресрет на неформалниот самит на лидерите на ЕУ во Белгија.

„Најитната задача е намалувањето на цените на енергијата. Ништо друго не ја гуши европската индустрија толку силно, ниту пак влијае врз толку многу земји членки истовремено“, истакна Штокер.

Неговата изјава доаѓа пред самитот што ќе се одржи во денес, на кој лидерите на ЕУ ќе се обидат да постигнат договор за заедничка агенда за поттикнување на економскиот раст и зајакнување на стратешката автономија на Унијата.

РЕКЛАМА

Ставовите на Штокер се совпаѓаат со оние на чешкиот премиер Андреј Бабиш и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои бараат укинување на дел од еколошките регулативи за кои сметаат дека придонесуваат за високите цени на енергијата.

„Пристапот со Зелениот договор очигледно не беше одржлив. Во Австрија, на пример, намалувањето на емисиите на CO₂ главно се должи на падот на производството“, рече Штокер. „Да станеме позелени не смее да значи да станеме посиромашни.“

ЕУ веќе започна со олабавување на дел од еколошките правила, како дел од поширока дерегулациска иницијатива поддржана од мнозинството земји членки. Германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони повикаа на забрзување на овој процес и воведување „итна сопирачка“ за ново законодавство на ЕУ.

„За среќа, промената на трендот веќе започна“, додаде Штокер. Тој најави дека ќе се заложи за продолжување на бесплатните дозволи за емисии во рамки на Системот за тргување со емисии на ЕУ, со цел да се зачува конкурентноста на европската индустрија и да се спречи преселување на компаниите надвор од Унијата.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил