Американскиот енергетски регулатор со ултиматум за приклучувањето на дата-центрите

Американската Федерална комисија за регулирање на енергетиката (FERC) им даде рок од 60 дена на шесте најголеми оператори на електроенергетските преносни системи во земјата да ги преиспитаат или изменат правилата за приклучување на големите потрошувачи на електрична енергија, пред сè дата-центрите, предупредувајќи дека во спротивно регулаторот сам ќе донесе нова регулатива.

Одлуката е донесена во услови на драстично зголемување на побарувачката за електрична енергија, поттикната од изградбата на дата-центри за вештачка интелигенција и clоud услугите. Технолошките компании бараат брз пристап до електроенергетската мрежа, но сегашниот систем, кој е поделен меѓу федералните, државните и локалните регулатори, како и различни оператори на мрежата, создава долги процедури и неизвесност за инвеститорите.

Според податоците на консултантската компанија JLL, просечното време за приклучување на нов дата-центар на електроенергетската мрежа во САД надминува четири години. Покрај долгите рокови, инвеститорите се соочуваат и со нејасни правила околу тоа кој ги сноси трошоците за изградба на нова инфраструктура, условите за приклучување и користењето на сопствени извори на електрична енергија.

РЕКЛАМА

Поради тоа, FERC побара од операторите на регионалните преносни мрежи – PJM, MISO, SPP, CAISO, NYISO и ISO New England, да предложат измени со кои ќе се забрза обработката на барањата за приклучување на големите потрошувачи, ќе се воведат појасни правила за распределба на трошоците и ќе се подобри транспарентноста на постапките.

Регулаторот бара и воспоставување механизми што ќе овозможат дата-центрите привремено да ја намалуваат или пренасочуваат потрошувачката во периоди на високо оптоварување на мрежата, како и јасни правила за капацитетите што произведуваат сопствена електрична енергија и се поврзуваат со преносниот систем.

Претседателката на FERC, Лора Свет, ја оцени одлуката како „историски чекор“, нагласувајќи дека електроенергетскиот систем мора да се приспособи на новата структура на побарувачката. Комесарот Дејвид ЛаСерт порача дека регулаторот е подготвен сам да интервенира доколку операторите не предложат соодветни решенија.

Експертите оценуваат дека станува збор за една од најрешителните интервенции на FERC во последните години. Според претседателот на консултантската компанија Grid Strategies, Роб Грамлих, за разлика од претходните препораки, овојпат регулаторот поставува конкретни рокови и бара конкретни измени, што значително го зголемува притисокот врз операторите.

Поранешната комесарка на FERC, Алисон Клементс, смета дека одлуката ќе придонесе за поголема транспарентност, бидејќи регионалните оператори ќе мора појасно да ги прикажуваат трошоците за приклучување на новите дата-центри и потребните инвестиции во мрежата, што ќе им овозможи на сојузните држави полесно да утврдат како тие трошоци ќе се распределуваат.

Сепак, регулаторот избегна директно да навлезе во надлежностите на сојузните држави, нагласувајќи дека тие и натаму ќе останат одговорни за регулирањето на продажбата на електрична енергија на крајните потрошувачи.

Одлуката на FERC доаѓа во период кога побарувачката за електрична енергија во САД расте со најбрзо темпо во последните децении, пред сè поради развојот на вештачката интелигенција, дата-центрите и новите индустриски капацитети, што дополнително го зголемува притисокот врз постојната електроенергетска инфраструктура.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил