Ацо Ристов: Се анализира нова цена на парното и промени во тарифниот систем за струја

Скопје. 7 мај 2026 – Од следната грејна сезона е можна корекција на цената на парното греење, а конечната одлука се очекува до крајот на јули, по доставувањето на пресметките и барањата од енергетските компании до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. За ова информираше претседателот на  Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, на брифинг со медиумите, посочувајќи дека според досегашните анализи не се очекуваат поголеми ценовни промени.
Ристов посочи дека корекцијата на цената е поврзана со движењата на природниот гас, кој и понатаму останува клучен енергенс за производство на топлинска енергија. Според него, иако има раст на трошоците, состојбата е далеку постабилна во споредба со големите ценовни осцилации кај другите нафтени деривати.

Покрај најавата за поскапување на парното, РКЕ подготвува и измени во системот на блок-тарифи за електрична енергија. Целта, како што истакна Ристов, е да се надминат сегашните нелогичности во пресметката на струјата, каде иста количина потрошена електрична енергија се наплатува по различна цена во зависност од тарифниот блок во кој влегува потрошувачот.

Според најавите, новиот модел треба да овозможи поправедна распределба на трошоците меѓу домаќинствата и поедноставен систем на наплата. Ристов оцени дека сегашниот тарифен модел создава конфузија кај потрошувачите и дека се потребни корекции за поголема транспарентност и предвидливост на сметките.

РЕКЛАМА

Во освртот на состојбите во енергетскиот сектор, првиот човек на РКЕ нагласи дека Македонија забрзано се движи кон интеграција со европскиот пазар на електрична енергија. Во тек е процесот на сертификација на електричната енергија произведена од обновливи извори, што треба да им овозможи на домашните производители од следната година полесен пристап до европскиот пазар.

Податоците од Годишниот извештај на РКЕ покажуваат дека во 2025 година производството на електрична енергија од обновливи извори е зголемено за 11,43% во споредба со претходната година. Најголем раст е забележан кај ветерните електроцентрали, а за првпат производството од фотонапонски централи го надминало производството од комбинирани електрани.

Ристов истакна дека интензивната изградба на фотоволтаици веќе создава периоди на хиперпродукција на струја, поради што отворањето кон европскиот пазар ќе биде важно за пласман на вишоците електрична енергија. Дополнително, во земјава започна и инсталација на батериски системи за складирање електрична енергија, што се оценува како значаен чекор кон модернизација и стабилизација на енергетскиот систем.

На брифингот беше посочено и дека пазарот на енергенси засега функционира стабилно, и покрај турбулентната година и глобалните ценовни притисоци. РКЕ нотира раст на потрошувачката на нафтени деривати, што според Комисијата е показател за зголемена економска активност.

Од друга страна, Ристов предупреди и на сериозниот проблем со загубите на вода, кои на национално ниво достигнуваат дури 63%. Според него, институциите и јавните претпријатија ќе мора многу поинтензивно да инвестираат во водоводната инфраструктура и заштитата на водните ресурси, имајќи предвид дека водата станува стратешки ресурс во услови на климатски промени и растечки потреби.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил