ACER: Југоисточна Европа мора да ја зајакне мрежата за да избегне нова енергетска криза

Повеќе од 147 екстремни скокови на цените на електричната енергија во Југоисточна Европа во текот на летото 2024 година можеле да бидат избегнати доколку европската интерконективна мрежа располагала со поголем достапен преносен капацитет, покажува новиот извештај на Европската агенција за соработка на енергетските регулатори (ACER).

Според европскиот регулатор, главните причини за тогашната ценовна криза биле ограничените прекугранични интерконекции, но и недостигот на флексибилно производство кое би можело брзо да ја замени соларната енергија во вечерните часови.

Извештајот, подготвен по барање на Европската комисија, предлага низа мерки насочени кон подобрување на мрежната инфраструктура и интерконекциите, со цел да се намали ценовниот јаз меѓу пазарите во Југоисточна и Централна Европа.

РЕКЛАМА

Препораките на ACER се фокусираат на зголемување на прекуграничниот капацитет и системската флексибилност во регионот, за да се ублажат наглите ценовни скокови и да се ограничи разликата во цените во однос на останатите земји од Европската унија.

Според анализата, просечната врвна цена на електричната енергија во Југоисточна Европа во летото 2024 година достигнала 350 евра за мегават-час, а повеќе од 147 екстремни ценовни скокови можеле да бидат избегнати доколку 70% од интерконективниот капацитет бил достапен за прекугранична трговија, како што предвидуваат европските правила.

ACER наведува и дека примената на динамичка евалуација на далекуводите би можела да овозможи повеќе од 50% дополнителен достапен капацитет во мрежата.

Иако цените во 2025 година не ги достигнале екстремните нивоа од претходното лето, извештајот предупредува дека разликата меѓу Југоисточна Европа и останатите европски пазари останала присутна во текот на целата година и продолжила и во почетокот на 2026 година.

„Поефикасното користење на постојниот мрежен капацитет меѓу Југоисточна Европа и остатокот од ЕУ можело значително да го намали притисокот врз регионалниот систем во 2024 година“, се наведува во извештајот.

Регулаторот нагласува дека само зголемување на интерконекциите не е доволно, туку е неопходно и значително поголема флексибилност на системот. Во тој контекст, ACER предлага поголемо учество на системите за складирање енергија, механизми за управување со побарувачката и други флексибилни производствени капацитети кои можат брзо да реагираат на ненадејни промени во понудата и побарувачката.

Меѓу клучните препораки се:

  • обезбедување најмалку 70% од преносниот капацитет за прекугранична трговија;
  • модернизација на далекуводите во критичните точки со напредни проводници;
  • примена на динамичка проценка на капацитетот на мрежата;
  • подобра регионална координација при планирање на ремонти и одржување;
  • отстранување на пазарните бариери за батериски системи, demand response и други флексибилни решенија;
  • забрзување на инвестициите во мрежата и регионалната поврзаност;
  • проширување на market coupling механизмите и flow-based пристапот, вклучително и кон соседните земји надвор од ЕУ.

ACER предупредува дека без брзи инвестиции и подобра координација, Југоисточна Европа би можела повторно да се соочи со сериозни ценовни шокови и ризици за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија.

Извор: Acer.europa.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил