Европа ја плаќа високата цена на зависноста од увозните фосилни горива, а актуелната енергетска криза покажува дека долгорочната безбедност на континентот може да се обезбеди само со побрза транзиција кон домашно произведена чиста енергија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говорот пред Европскиот парламент одржан во текот на вчерашниот ден.
Таа посочи дека од крајот на февруари годинава цените на гасот се зголемиле за 140 проценти, додека цената на дизелот се удвоила. Дополнителниот трошок за увоз на фосилни горива за Европа достигнал 100 милијарди евра, без притоа да има дополнителна количина енергија.
„Плативме 100 милијарди евра повеќе за увезени фосилни горива, без да добиеме ниту една дополнителна молекула енергија“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, ова повторно ја отвора истата стратешка дилема со која Европа се соочи по руската инвазија врз Украина. Пред четири години, Русија се обиде да ја искористи зависноста на Европа од рускиот гас како средство за притисок. Тогаш околу 45 проценти од увозот на гас во ЕУ доаѓаше од Русија. Денес тој удел е намален на 12 проценти, а целта на Унијата е целосно да го прекине увозот на руски гас до крајот на следната година.
Но, Фон дер Лајен предупреди дека замената на еден извор на зависност со друг не е долгорочно решение. Затоа, според неа, одговорот треба да биде во забрзување на производството на енергија во Европа, особено од обновливи извори и нуклеарната енергија.
Повеќе од 70% од електричната енергија во ЕУ денес доаѓа од домашни и чисти извори, а минатата година ветерот и сонцето заедно произвеле повеќе електрична енергија отколку сите фосилни горива. Во текот на годината биле инсталирани повеќе од 80 GW нови обновливи капацитети.
Проблемот, сепак, не е само во производството. Фон дер Лајен посочи дека капацитетот на обновливи извори што чека приклучување на мрежата е шестпати поголем од капацитетот инсталиран минатата година. Токму затоа Европската комисија инсистира на забрзување на инвестициите во електроенергетските мрежи и на усвојување на новиот пакет за мрежите до крајот на годината.
„Ни требаат мрежите. Ни требаат инвестиции. И ни требаат побрзи дозволи“, порача таа, нагласувајќи дека без инфраструктура новите производни капацитети не можат целосно да се искористат.
Паралелно со долгорочните мерки, ЕУ подготвува и непосреден одговор на високите цени. Фон дер Лајен најави продолжување на привремената рамка за државна помош за индустриите кои се најизложени на високите енергетски трошоци, како и таргетирана поддршка за домаќинствата со најниски приходи. Таа нагласи дека Комисијата не поддржува општи и неселективни субвенции.
На пазарот на горива, земјите од Г7 договориле ослободување на 100 милиони барели дизел и сурова нафта од стратешките резерви. Европската комисија, истовремено, ќе започне стратешки дијалог со европските рафинерии, со цел да се намалат трошоците и да се обезбеди сигурно снабдување, вклучително и за потребите на одбраната.
Брисел сака да извлече поука и од начинот на кој Европа реагираше на претходната гасна криза. Комисијата најавува нова работна група за обединување на побарувачката на енергија и заедничко набавување, со што би се зголемила преговарачката моќ на европскиот пазар.
Сепак, суштината на пораката на Фон дер Лајен е дека ваквите мерки можат да го ублажат ударот, но не можат да ја решат структурната зависност од увозот на нафта и гас. Според неа, Европа мора да ја забрза електрификацијата и наместо фосилни горива да користи сè повеќе електрична енергија произведена во Европа.
Денес електричната енергија учествува со помалку од една четвртина во финалната потрошувачка на енергија во ЕУ. Акциониот план за електрификација предвидува тој удел да се удвои до 2040 година. Според проценката што ја изнесе Фон дер Лајен, тоа би можело да го намали увозот на фосилни горива за околу 260 милијарди евра годишно.
Затоа, според неа, енергетската политика повеќе не е само прашање на цената на струјата или горивата, туку станува дел од пошироката европска политика за економска и стратешка безбедност. Новиот долгорочен буџет на ЕУ треба да обезбеди поголеми инвестиции во енергетската инфраструктура, прекуграничните интерконекции, суровините, истражувањето и иновациите.
Пораката од говорот на Фон дер Лајен е дека сегашната криза повторно ја потврдува слабоста на моделот во кој Европа голем дел од својата енергија ја обезбедува од надворешни извори. Одговорот на Брисел затоа сè повеќе се поместува од обезбедување дополнителни количини на увезени фосилни горива кон зголемување на домашното производство на чиста електрична енергија, зајакнување на мрежите и забрзување на електрификацијата.
Извор: Европска комисија
