Регион: Албанија, Србија и Бугарија со нови енергетски инвестиции

Албанија, Србија и Бугарија најавија нови значајни инвестиции во енергетскиот сектор, со фокус на обновливите извори, складирањето на енергија и модернизацијата на електроенергетските системи во регионот.

Албанската влада одобри изградба на фотоволтаична електрана со капацитет од 96 MW во општина Дибер, проект на локалната подружница на германската компанија Greencells Renewables. Соларниот парк ќе биде изграден во близина на селото Кастриот и ќе зафаќа површина од над 426 илјади квадратни метри. Инвестицијата предвидува поставување на повеќе од 137.000 соларни панели и 268 инвертори. Проектот треба да биде завршен во рок од 36 месеци, а електраната ќе има дозвола за работа во наредните 49 години.

Во Србија, Министерството за енергетика објави јавен повик до американски компании за изразување интерес за учество во проектот „Ѓердап 3“, нова реверзибилна хидроелектрана на Дунав, на границата со Романија. Проектот е оценет како стратешки важен за обезбедување стабилност и флексибилност на српскиот електроенергетски систем, особено поради растечкото учество на обновливите извори во производството на струја. „Ѓердап 3“ ќе опфати изградба на брани, акумулации, тунели и пумпно-турбински постројки, а конечниот капацитет ќе биде утврден во следната фаза од проектот. Реализацијата е планирана до 2036 година.

РЕКЛАМА

Во меѓувреме, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) разгледува можност да обезбеди заем до 30 милиони евра за изградба на нов батериски систем за складирање електрична енергија во Бугарија. Станува збор за проектот BESS-2 во рамки на соларниот парк Тенево, кој ќе располага со капацитет од 246 MW и 512,5 MWh. Новиот систем ќе биде поврзан со веќе постоечка соларна електрана и батериски капацитети, со цел да се подобри отпорноста на електроенергетската мрежа и да се овозможи поголема интеграција на обновливите извори во Бугарија и поширокиот регион на Централна и Источна Европа.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил