Владата вчера донесе одлука да ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни, со цел ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството. Паралелно со ова, по разговорите со најголемиот домашен снабдувач на горива, компанијата ОКТА, обезбеден е и дополнителен попуст од два денари по литар, кој почна да се применува од 1 јуни.
Според владините проценки, комбинираниот ефект од продолжените намалени акцизи и новиот попуст треба да донесе значително намалување на малопродажните цени на горивата. Очекувањата се дизел-горивото да поевтини за околу 6,5 денари по литар, додека бензините да бидат поевтини за околу 1,5 денар по литар.
Од Владата оценуваат дека мерката претставува директна економска поддршка за граѓаните, но и за секторите кои најмногу зависат од цената на горивата, како што се транспортот, земјоделството и индустријата. Според надлежните, намалувањето на трошоците за енергенси треба да придонесе и кон стабилизирање на цените на останатите производи и услуги, во услови кога глобалните пазари и натаму се соочуваат со нестабилности.
Во владиното соопштение се наведува дека институциите остануваат фокусирани на политики кои имаат директен ефект врз животниот стандард на граѓаните и економската сигурност на компаниите. Оттаму посочуваат дека и во наредниот период ќе се следи состојбата на енергетските пазари и, доколку има потреба, ќе се разгледуваат нови мерки за заштита на домашната економија.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека очекува дополнителна стабилизација на цените на горивата и нагласи дека Македонија и понатаму ќе остане меѓу земјите со најниски цени на нафтените деривати во регионот. Тој посочи дека Владата ќе продолжи со политики насочени кон намалување на трошоците за живот и одржување на економската стабилност.
Инаку, конечните одлуки за висината на малопродажните цени на горивата ги носи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, која редовно врши усогласување согласно движењата на светските берзи и курсот на доларот.
Енергетика 24
