Вашингтон најавува поголем фокус на енергетската безбедност на Западен Балкан

САД ја ставаат енергетиката меѓу клучните приоритети во новиот пристап кон Западен Балкан, оценувајќи дека застарената инфраструктура и зависноста од руски енергенси го прават регионот ранлив и економски и безбедносно.

Во Извештај на Стејт Департментот до Конгресот за политиката на Соединетите Американски Држави за промовирање на регионална стабилност и просперитет на Западен Балкан поднесен пред два дена, се наведува дека енергетската инфраструктура во Западен Балкан е стара, неефикасна и во одредени земји прекумерно зависна од руски увоз. Вашингтон затоа најавува поддршка за проекти што ќе обезбедат диверзификација на снабдувањето, посигурни енергетски извори и подобро поврзување на регионалните мрежи со европските пазари.

Американската администрација како можни решенија ги посочува американскиот течен природен гас, нуклеарната технологија, вклучително и малите модуларни реактори, како и обновливите извори на енергија. Според документот, овие опции се гледаат како комерцијално атрактивни и геополитички посигурни алтернативи за регионот.

РЕКЛАМА

Меѓу приоритетните проекти се наведени Јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, предложениот гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, развојот на хидроенергетски капацитети во Албанија, БиХ, Северна Македонија и Србија, како и дополнителни електропреносни врски што треба да ги поврзат мрежите на Западен Балкан со европските пазари.

За Македонија, документот е значаен бидејќи земјата директно се споменува во два сегмента: како дел од предложениот гасен интерконектор со Србија и како земја со потенцијал за хидроенергетски развој. Тоа покажува дека енергетската поврзаност на земјата се третира како дел од пошироката регионална безбедносна и економска стратегија на САД.

Главната порака од извештајот е дека енергетската диверзификација за Западен Балкан повеќе не е само економско прашање, туку и прашање на стабилност, безбедност и геополитичко позиционирање.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил