Европската унија мора да биде подготвена за можни руски напади врз енергетската инфраструктура, предупреди висок претставник на Европската комисија за време на конференцијата Flame посветена на природниот гас и ЛНГ-индустријата, што се одржа во Амстердам.
„Мора да бидеме подготвени и за физички и за хибридни напади врз нашата енергетска инфраструктура, врз гасоводите и ЛНГ-терминалите. Ова не е теоретска закана. Гледаме дека тоа веќе се случува во Украина“, изјави Руд Кемпенер, заменик-шеф на одделот за енергетска безбедност и сигурност во Генералниот директорат за енергија на Европската Комисија.
Неговите изјави ја нагласуваат растечката загриженост во Брисел околу енергетската безбедност, не само во однос на обезбедувањето доволни количини енергенси, туку и во однос на заштитата и отпорноста на критичната инфраструктура.
Кемпенер откри дека Европската комисија работи на ажурирање на европската рамка за енергетска безбедност, при што ризикот од напади врз енергетските капацитети претставува една од главните теми. Според него, новиот документ би можел да биде објавен за јавна консултација по летото.
Покрај безбедноста на инфраструктурата, Брисел разгледува и нови модели за регулирање на складирањето природен гас. ЕУ во 2025 година ги ревидираше правилата за полнење на складиштата, воведувајќи поголема флексибилност во однос на строгите цели поставени по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Кемпенер посочи дека Европската комисија анализира дали сите земји-членки треба да имаат идентични обврски за полнење на складиштата, или тие би можеле да се дефинираат според потрошувачката на гас, наместо според процентот на складишниот капацитет.
Според последните податоци на Gas Infrastructure Europe, европските складишта за гас биле исполнети 36,7% заклучно со 18 мај.
Во меѓувреме, цените на гасот во Европа остануваат високи поради нестабилноста на глобалниот ЛНГ-пазар, дополнително влошена од војната на Блискиот Исток. Холандскиот TTF, референтен европски гасен индекс, на 19 мај достигна цена од 51,885 евра за мегават-час.
Европската комисија истовремено повтори дека останува цврсто посветена на постепеното исфрлање на рускиот гас и ЛНГод европскиот енергетски систем.
„Исфрлањето на рускиот гас ќе остане клучен приоритет за Европската унија. Ќе продолжиме да се придржуваме до роковите утврдени во законодавството“, изјави Кемпенер.
Од март веќе се во сила забрани за спот-увоз на руски гас преку гасоводи и ЛНГ, како и за ЛНГувезен преку краткорочни договори. Целосната забрана за увоз на руски ЛНГво ЕУ треба да стапи на сила од 1 јануари 2027 година, додека забраната за долгорочните договори за руски гас преку гасоводи е предвидена најдоцна до ноември 2027 година.
Извор: Spglobal.com
