Словенија отвора нов циклус државни субвенции за електрични возила, со кој граѓаните, компаниите и претприемачите ќе можат да добијат финансиска поддршка за купување нови и половни електрични автомобили. Јавниот повик официјално стартува на 18 јуни 2026 година, а ќе важи за сите возила купени од 1 јануари 2026 година па наваму.
Програмата се реализира во рамки на Планот за користење на средствата од Климатскиот фонд за периодот 2025–2028 година, додека средствата ги обезбедува словенечкото Министерство за животна средина, клима и енергија. Главната цел е забрзување на транзицијата кон мобилност без штетни емисии и зголемување на бројот на возила што не испуштаат CO₂ и трошат помалку енергија од класичните возила на фосилни горива.
Субвенциите се наменети за нови и половни возила што користат исклучиво електричен погон, при што батериите не смеат да бидат базирани на оловна технологија. Поддршката опфаќа повеќе категории – патнички и товарни возила, електрични мотоцикли, мопеди и четиритркалаци.
За физичките лица е предвидена посебна програма, а право на аплицирање имаат полнолетни граѓани со постојано живеалиште во Словенија. Едно лице ќе може да добие субвенција само за едно возило за кое претходно не била одобрена државна поддршка.
Во рамки на повикот, можност за аплицирање ќе имаат и компании, самостојни претприемачи и правни лица од јавен интерес кои не се директни корисници на државниот буџет. Тие ќе можат да поднесат по една апликација за едно возило, со максимален лимит на субвенции за до 15 возила.
Вкупниот буџет на програмата изнесува повеќе од 14,4 милиони евра. Од нив, 9,4 милиони евра се наменети за граѓаните, додека 5 милиони евра се резервирани за компаниите и останатите правни субјекти.
Највисоките субвенции достигнуваат до 7.800 евра за физички лица кои ќе купат ново електрично возило со вредност до 25.000 евра. За компаниите и правните лица, поддршката може да достигне до 7.200 евра за ново возило во вредност до 35.000 евра.
Право на субвенција за половни електрични возила ќе имаат само автомобили што не се постари од 36 месеци.
Извор: Borzen.si
