Премиерот Христијан Мицкоски најави дека неделава ќе биде објавен тендерот за изградба на гасоводниот интерконектор со Србија, оценувајќи дека паралелно со енергетските и инфраструктурните проекти на Коридорите 8 и 10, државата се позиционира како идeн регионален енергетски и транспортен хаб.
При увидот во активностите за изградба на автопатот Гостивар – Букојчани, Мицкоски истакна дека Владата останува фокусирана на капиталните проекти, меѓу кои се модернизацијата на железницата, изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, енергетското поврзување преку далноводи и гасните интерконектори со соседните земји.
– „Интензивно се гради гасоводот со Грција. Почнуваме неделава со објавување на тендерот за гасоводот со Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка, а во функција е и нафтоводот од пристаништето Солун до Скопје. Кога ова ќе биде завршено, тогаш можеме да кажеме дека сме регионален хаб“ – изјави Мицкоски.
Според најавите, македонскиот дел од гасоводот кон Србија ќе биде долг 23 километри, а тендерската постапка ќе ја спроведе АД „Номагас“ за избор на проектант и изведувач. Од српска страна, компанијата Србијагас треба да изгради дополнителни 45 километри гасовод до поврзувањето со постојната гасоводна мрежа на Србија.
Интерконекторот е планирано да има капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно, а на македонска територија ќе биде изградена и главна мерна станица. Властите очекуваат проектот да придонесе за поголема енергетска стабилност, диверзификација на изворите на снабдување и зголемена сигурност за домаќинствата и индустријата.
Паралелно, продолжува и изградбата на гасниот интерконектор со Грција, за кој премиерот очекува да биде завршен во првата половина од следната година.
– „Очекувам некаде во првата половина од следната година, гасоводот да ја поврзе нашата земја со нашиот јужен сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот што следува“ – порача Мицкоски.
Тој оцени дека со реализацијата на интерконекторите со Грција и Србија, земјава ќе добие можност да стане значајна транзитна точка за транспорт на природен гас во регионот, што би можело да отвори простор за нови инвестиции и дополнително економско поврзување на Балканот.
Енергетика 24
