Енергетската криза може да ја забрза електрификацијата на Европа, оценува Голдман Сакс

Војната во Иран и нарушувањата во испораките на нафта и гас преку Ормускиот Теснец повторно ја ставаат Европа пред сериозен енергетски предизвик. Според најновата анализа на инвестициската банка Голдман Сакс, актуелната криза може значително да ја забрза транзицијата на континентот кон електрификација и обновливи извори на енергија.

Од инвестициската банка предупредуваат дека новиот енергетски шок, само пет години по кризата предизвикана од војната во Украина, дополнително ќе ја засили потребата Европа да ја намали зависноста од фосилни горива и увоз на енергенси.

Аналитичарите на Голдман Сакс Рисрч проценуваат дека побарувачката за електрична енергија во Европа ќе расте меѓу 1,5 и 2% годишно во 2026 и 2027 година, а до крајот на деценијата растот би можел да достигне меѓу 2 и 4% годишно. Во таканаречено „хипер-електрификациско сценарио“, поттикнато од брзиот развој на вештачката интелигенција и дигиталната инфраструктура, растот на потрошувачката на струја може да достигне и 5 проценти годишно по 2030 година.

РЕКЛАМА

„Потребата од поголема енергетска безбедност може дополнително да ги забрза целите за електрификација, што ќе создаде нов импулс за раст на потрошувачката на електрична енергија“, наведува Алберто Гандолфи, раководител на секторот за европски комунални услуги во Голдман Сакс Рисрч.

Во моментов, електричната енергија, произведена од обновливи извори и нуклеарни централи, учествува со околу 20% во вкупната енергетска потрошувачка во Европа, додека преостанатите 80% доаѓаат од фосилни горива како нафта, гас и јаглен. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, уделот на електричната енергија би можел повеќе од двојно да се зголеми до 2050 година.

Анализата посочува дека за исполнување на идните енергетски потреби ќе бидат неопходни огромни инвестиции во електроенергетската инфраструктура.Голдман Сакс проценува дека инвестициите во производство на електрична енергија би можеле да достигнат 2 трилиони евра во следната деценија, што е трипати повеќе од вложувањата во изминатите десет години. Ако се вклучат и инвестициите во електроенергетските мрежи, вкупните трошоци за електрификација би достигнале околу 3,5 трилиони евра.

Во извештајот се наведува дека земјите кои повеќе се потпираат на обновливи извори и нуклеарна енергија, како Шпанија, Франција и нордиските земји, успеале подобро да ги стабилизираат цените на електричната енергија за разлика од државите кои зависат од гасни електрани, меѓу кои Германија, Италија и Велика Британија.

Голдман Сакс смета дека најголем бенефит од процесот на електрификација ќе имаат компаниите со силно присуство во производството на електрична енергија и стабилна финансиска позиција за нови инвестиции. Особено се издвојуваат обновливите извори поради пониските трошоци и побрзата изградба на капацитети.

Истражувачите посочуваат и дека нуклеарната енергија повторно би можела да стане важен дел од европскиот енергетски микс. Во тој контекст, како потенцијално решение се споменуваат и малите модуларни реактори (SMR), чиј капацитет во Европа би можел да достигне 10 гигавати до 2040 година.

Извор: GoldmanSachs.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил