Ива Петрова е новата министерка за енергетика на Бугарија, откако парламентот во Софија го изгласа новиот владин состав предводен од премиерот Румен Радев.
Петрова доаѓа на функцијата по повеќегодишно искуство во енергетскиот сектор и во самото Министерство за енергетика, каде што кариерата ја започнала уште во 2000 година. Во изминатите четири години таа беше заменик-министер во неколку редовни и технички влади, со фокус на реформите во енергетиката, обновливите извори и реализацијата на европските фондови преку Националниот план за закрепнување и отпорност.
Новата министерка најави дека нејзин приоритет ќе биде развој на стабилен, одржлив и конкурентен енергетски систем, кој ќе обезбеди сигурност и за граѓаните и за бизнисите. Според неа, нуклеарната енергија, обновливите извори, системите за складирање енергија и модернизацијата на електроенергетската и гасната инфраструктура ќе имаат клучна улога во енергетската независност на земјата.
Петрова посебно ја истакна потребата од воведување механизми за заштита на потрошувачите поради нестабилноста на цените на енергенсите на европските пазари.
Освен работата во државната администрација, таа има искуство и во консултантскиот сектор и академската заедница. Петрова предава на Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија, каде што магистрирала бизнис администрација и стратегиски менаџмент. Дополнително се усовршувала и на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија.
Енергетика 24
