Српска компанија понуди 2 милијарди евра за рускиот удел во НИС, но се отвораат прашања за нејзиниот капитал

Нафтената индустрија на Србија (НИС) е повторно во фокусот на јавноста откако српската компанија „KFT Senator Treasury G.T.7 Two LLC“ понудила две милијарди евра за купување на мнозинскиот руски удел во компанијата, објави агенцијата Ројтерс.

Станува збор за удел од 56,1% во НИС, кој е во сопственост на Гаспром и Гаспром Њефт. Компанијата НИС управува со единствената нафтена рафинерија во Србија и е една од најважните енергетски компании во регионот.

Сопственикот на „Senator“, Ранко Мимовиќ, изјавил дека руските сопственици „начелно ја прифатиле“ понудата. Тој додал дека компанијата уште на 30 октомври покренала постапка пред американскиот ОФАК за добивање дозвола за аквизицијата, а дека на 21 април за плановите бил известен и кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

РЕКЛАМА

Кабинетот на Вучиќ не одговорил на барањето на Ројтерс за коментар, но српскиот претседател вчера индиректно ја доведе во прашање сериозноста на понудата. Во изјава за новинарите, тој рече дека „таква игра во Србија нема да помине“ и изрази сомнеж дека компанија без претходно искуство во нафтениот сектор може да обезбеди две милијарди евра за купување на НИС.

„Нашол некој две милијарди, па уште српска фирма… Никогаш во животот не се занимавал со тоа, а сега ќе купува НИС“, изјави Вучиќ, додавајќи дека без согласност од државата таква трансакција не може да се реализира.

Тој потсети и дека Србија по воведувањето на американските санкции кон НИС повеќепати размислувала да го откупи рускиот удел врз основа на правото на првенствено купување, но дека руската страна не се согласила на тоа. Вучиќ воедно повтори дека Србија нема намера да национализира руски имот.

Сепак, кратко по објавата на Ројтерс, рускиот Интерфакс пренесе реакција од Гаспром Њефт во која се наведува дека компанијата моментално води активни преговори исклучиво со унгарската МОЛ за продажба на уделот во НИС и дека „не се водат други разговори по ова прашање“.

МОЛ претходно соопшти дека во јануари потпишал рамковен договор со Гаспром Њефт за купување на 56,15% од НИС, а рокот што американскиот ОФАК го одобрил за завршување на преговорите истекува на 22 мај.

Во меѓувреме, српските медиуми објавија дополнителни детали за компаниите поврзани со Мимовиќ, што отвори нови дилеми околу финансиската моќ на потенцијалниот купувач.

Според податоците од деловните регистри, Мимовиќ е поврзан со најмалку девет компании во Србија, од кои повеќето веќе не работат. На една компанија ѝ е привремено одземен даночниот број, додека друга има блокирана сметка.

Особено внимание предизвикува структурата на капиталот во компаниите „KFT Senator Treasury“. Дел од капиталот бил прикажан преку акции од бугарска компанија, германски обврзници од 1924 година, кинески обврзници од 1953 година, како и сертификат поврзан со 15 тони злато издаден од швајцарска банка во 1966 година.

Иако во документите се наведува капитал од над 200 милијарди динари, финансиските извештаи покажуваат дека компаниите немале деловни активности во 2025 година, ниту пак евидентирани приходи, имот или обврски.

Поради тоа, во јавноста се поставува прашањето дали компанијата навистина располага со финансиски капацитет за преземање на НИС или станува збор за обид да се вклучи во процесот на продажба во чувствителен геополитички момент за српскиот енергетски сектор.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил