Халкбанк ја засилува поддршката за обновливи извори: 253 милиони евра вложени во зелена енергетика

Зеленото финансирање станува еден од клучните двигатели на енергетската транзиција во земјава, а Халкбанк се позиционира како еден од најактивните актери во овој процес. Во интервју за порталот МКД.мк, генералниот директор Фатих Шахбаз истакнува дека зеленото кредитирање е „еден од најдинамичните сегменти“ во работењето на банката, со силен фокус на инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Според него, зеленото банкарство веќе не е тренд, туку неопходен дел од современиот финансиски систем, особено во контекст на глобалната борба против климатските промени и потребата од одржлив економски раст. Банката активно финансира проекти во соларната, ветерната и хидроенергијата, како и решенија за намалување на потрошувачката на енергија кај компаниите и домаќинствата.

До крајот на 2025 година, со поддршка на Халкбанк се реализирани инвестиции од околу 253 милиони евра во проекти за обновливи извори на енергија. Овие проекти имаат вкупна инсталирана моќност од 279 мегавати и во текот на 2025 година произвеле над 336.000 мегават-часови електрична енергија. Со тоа, тие директно придонесуваат за зголемување на енергетската независност и намалување на емисиите на штетни гасови.

РЕКЛАМА

„Преку систематски пристап кон финансирање на обновливите извори, придонесуваме за стабилен и одржлив енергетски систем усогласен со европските стандарди“, вели Шахбаз.

Паралелно со големите енергетски проекти, банката бележи растечки интерес и кај граѓаните и малите бизниси за инвестиции во соларни панели, енергетски ефикасни домови и модернизација на објекти. Официјалните податоци покажуваат дека зелените кредити бележат континуиран раст, што укажува на зголемена свест за економските придобивки од одржливите инвестиции.

Во наредниот период, Халкбанк најавува дополнително проширување на понудата на зелени финансиски производи, како и засилена поддршка за инфраструктурни проекти во обновливата енергија. Фокусот ќе биде ставен на искористување на потенцијалот што го има државата во соларната и ветерната енергија.

Со ваквите активности, банката има амбиција не само да ги следи, туку и да ги креира трендовите во енергетската транзиција, позиционирајќи се како клучен партнер во развојот на одржлива економија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил