Белгија започна преговори со француската енергетска компанија Engie за можно национализирање на своите нуклеарни капацитети, во време кога Европа повторно ја преиспитува улогата на атомската енергија по серијата енергетски кризи.
Премиерот на Белгија, Барт Де Вевер, соопшти дека е постигнат договор за дефинирање на условите и започнување на потребните анализи за целосно преземање на нуклеарниот парк. Истовремено, сите активности за демонтажа на реакторите се суспендирани.
Од владата и од компанијата нагласуваат дека разговорите се во почетна фаза, со цел до октомври да се постигне рамковен договор. Финансиски детали не се објавени, но се очекува евентуалниот договор да биде финансиски неутрален, односно без значителна добивка за компанијата, но и со можност за пренос на обврските поврзани со управувањето со постројките и вработените.
Белгија, која претходно планираше целосно напуштање на нуклеарната енергија до 2025 година, го ревидираше својот став по руската инвазија врз Украина во 2022 година, што предизвика сериозна енергетска криза и раст на цените. Дополнителен притисок врз енергетските политики создадоа и новите геополитички тензии на Блискиот Исток.
Владата веќе го продолжи работниот век на два реактори до 2035 година, а сега разгледува опции и за преостанатите пет, кои се во различни фази на затворање. Можно е дел од нив повторно да бидат активирани или да се инвестира во нови капацитети.
Компанијата Engie претходно процени дека демонтажата на реакторите би чинела околу 8,4 милијарди евра, што беше еден од клучните фактори во преговорите со белгиските власти.
Трендот на враќање кон нуклеарната енергија е присутен и во други европски земји. Франција планира изградба на најмалку шест нови реактори, додека Шведска, Обединетото Кралство и Чешка работат на проширување на своите нуклеарни капацитети.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна оцени дека Европа направила „стратешка грешка“ со откажувањето од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима.
Во меѓувреме, Европската комисија промовира развој на мали модуларни реактори, технологија која сè уште не е комерцијално докажана, но се смета за потенцијално пофлексибилно решение за идните енергетски потреби.
Извор: Financial Times
