Природниот гас во центарот на американско-хрватските разговори во Дубровник

Развојот на гасната инфраструктура и зајакнувањето на енергетската поврзаност беа во фокусот на средбата меѓу хрватскиот министер за економија Анте Шушњар и американскиот министер за енергетика Крис Рајт, во пресрет на Самитот на Иницијативата „Три мориња“ што се одржа вчера во Дубровник.

Американскиот министер Рајт порача дека е неопходна изградба на нова инфраструктура за проширување на пазарот на природен гас, кој го оцени како „евтин и чист“ енергенс.

„Потребно е да се гради инфраструктура – во САД, во Европа и во Хрватска“, изјави Рајт, посочувајќи го ЛНГ терминалот на островот Крк како пример за успешно хрватско-американско партнерство што не служи само за потребите на Хрватска, туку и за поширокиот регион.

РЕКЛАМА

Тој истакна дека природниот гас има важна улога во снабдувањето со електрична енергија, греењето, индустријата и новите технолошки капацитети, додавајќи дека на светот му е потребна повеќе, а не помалку енергија.

Хрватскиот министер Шушњар оцени дека само увозни капацитети не се доволни, туку дека тие мора да бидат надградени со подобра поврзаност, прекугранична соработка и интеграција на пазарите.

Тој нагласи дека ЛНГ терминалот на Крк прераснал од национален проект во значајна предност за целиот регион, но предупреди дека и понатаму постојат „тесни грла“ во снабдувањето, дел физички, дел регулаторни.

Како клучни приоритети на Хрватска ги наведе подобрата поврзаност меѓу северот и југот, како и посилна интеграција на ЛНГ капацитетите во поширокиот регион.

„Хрватска е подготвена да ја одигра својата улога“, порача Шушњар.

Самитот „Три мориња“ повторно се одржува во Дубровник, десет години по првиот состанок во 2016 година. Хрватските власти најавија дека за време на нивното претседавање ќе настојуваат иницијативата да ја трансформираат од политички формат во инвестициска платформа, со поголемо учество на приватниот капитал во енергетски, транспортни и инфраструктурни проекти во Централна и Источна Европа.

Извор: Seebiz.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил