Дубаи. 28 април 2026 – Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денеска соопштија дека се повлекуваат од ОПЕК и ОПЕК+, во потег што се оценува како сериозен удар за двете највлијателни групации на земји извознички на нафта и за нивниот неформален лидер Саудиска Арабија.
Одлуката доаѓа во период на силни потреси на енергетските пазари, предизвикани од војната со Иран, која создаде историски ценовен шок и дополнителна неизвесност во светската економија.
Министерот за енергетика на ОАЕ, Сухаил Мохамед ал-Мазруеи, во изјава за „Ројтерс“ потенцираше дека одлуката е донесена по темелна анализа на сегашната и идната енергетска стратегија на земјата.
„Ова е политичка одлука, донесена по внимателно разгледување на актуелните и идните политики поврзани со нивото на производство“, изјави Ал–Мазруеи.
Тој додаде дека Абу Даби не ја координирал оваа одлука со други земји-членки, вклучително и Саудиска Арабија.
Излегувањето на ОАЕ, долгогодишна членка на ОПЕК, може да предизвика внатрешен хаос и да ја ослаби организацијата, која со години настојуваше да демонстрира единство и покрај несогласувањата околу квотите за производство и регионалната геополитика.
Во меѓувреме, земјите од Персискиот Залив веќе се соочуваат со проблеми при извозот преку Ормускиот Теснец – клучна поморска рута низ која вообичаено минува околу една петтина од светската трговија со сурова нафта и течен природен гас.
Ал-Мазруеи оцени дека излегувањето на ОАЕ нема веднаш да има драматично влијание врз пазарот поради веќе постојната нестабилност во регионот.
Потегот се смета и како дипломатска победа за американскиот претседател Доналд Трамп, кој подолго време ја обвинуваше ОПЕК дека вештачки ги зголемува цените на нафтата.
Одлуката следува и по критиките од страна на ОАЕ кон другите арапски држави, кои според Абу Даби не направиле доволно за да ја заштитат земјата од иранските напади за време на конфликтот.
Советникот на претседателот на ОАЕ, Анвар Гаргаш, изјави дека политичката и воената поддршка од земјите членки на Советот за соработка во Заливот била „најслаба во историјата“.
Пазарите засега реагираат внимателно, додека цената на нафтата повторно расте по сигналите од Вашингтон дека САД не се задоволни од последните ирански предлози за прекин на војната.
Извор: Ројтерс
