Црногорската електроенергетска компанија ЕПЦГ и глобалниот лидер во обновливи извори на енергија Масдар од Обединетите Арапски Емирати постигнаа договор за формирање заедничко претпријатие со еднаков сопственички удел од 50/50, со цел развој на големи проекти за чиста енергија во Црна Гора.
Новата компанија ќе биде со седиште во Никшиќ и ќе работи на развој, имплементација и управување со проекти што вклучуваат соларни електрани, ветерни паркови, хидроенергија, реверзибилни хидроцентрали, батериски системи за складирање енергија и хибридни решенија.
Главната цел на партнерството е обезбедување на домашните енергетски потреби на Црна Гора, но и создавање услови за извоз на електрична енергија од обновливи извори кон земјите од Западен Балкан и Јужна Европа. Во таа насока, ќе се користи и постојниот подморски енергетски кабел со Италија, со можност за зголемување на неговиот капацитет.
Договорот беше потпишан за време на самитот Adria Future Summit, во присуство на министерот за енергетика и рударство на Црна Гора, Адмир Шахмановиќ, амбасадорот на ОАЕ во Црна Гора, Кхамис Рашед Ахмед Лебсаили Алшемеили, како и извршниот директор на Масдар, Мохамед Џамил Ал Рамахи.
Претседателот на Одборот на директори на ЕПЦГ, Милутин Ѓукановиќ, изјави дека партнерството претставува потврда за стратешката ориентација на компанијата кон одржлив развој и модернизација на производниот капацитет.
Извршниот директор на ЕПЦГ, Здравко Драгаш, оцени дека оваа соработка е значаен чекор во реализацијата на развојните планови на компанијата и диверзификацијата на изворите на производство.
Министерот Шахмановиќ нагласи дека договорот претставува пресвртница за енергетската иднина на Црна Гора и јасен сигнал дека земјата е подготвена за големи инвестиции и амбициозна енергетска транзиција.
Од Масдар истакнаа дека Европа останува стратешки пазар за раст на компанијата, која има цел до 2030 година да достигне 100 гигавати инсталирани капацитети.
Инаку, Масдар веќе е присутен во Црна Гора преку инвестицијата во ветерниот парк Крново од 72 мегавати, најголемиот оперативен ветерен проект во земјата.
Извор: Epcg.com
