Италија планира прва нуклеарна централа до 2035 година

Италија би можела да ја добие својата прва нуклеарна електрана уште во 2035 година, најави министерот за животна средина и енергетска безбедност Џилберто Пикето Фратин, кој соопшти дека правната рамка за изградба на нуклеарни реактори ќе биде подготвена до летото.

Според неговите најави, Италија планира да инвестира во современи мали модуларни реактори, а до 2050 година нуклеарната енергија би требало да обезбедува околу 20% од вкупните потреби за електрична енергија во земјата.

Во интервју за весникот La Stampa, Фратин истакна дека поради актуелната енергетска криза предизвикана од состојбите на Блискиот Исток, Италија работи на диверзификација на снабдувањето со фосилни горива, но категорично ја отфрли можноста за враќање кон увоз на руски гас.

РЕКЛАМА

Со тоа, Италија ја потврдува поддршката за ставот на Европската комисија за намалување на енергетската зависност од Русија.

Можно реактивирање на јаглен ако гасот поскапи

Министерот не ја исклучи можноста за повторно активирање на термоелектраните на јаглен, кои официјално беа затворени во 2024 година. Тој појасни дека нивно повторно вклучување би било разгледано само доколку цената на природниот гас надмине 70 евра за мегават-час.

Критики за европскиот модел на цени на струјата

Фратин повторно упати критики кон системот на емисиони дозволи во Европската Унија, оценувајќи дека тие значително ја зголемуваат цената на електричната енергија во Италија.

„Три милијарди евра за емисиони дозволи се претвораат во девет милијарди евра товар врз сметките на Италијанците“, изјави министерот.

Тој посочи дека според сегашниот европски модел за формирање на цените на електричната енергија, трошоците за дозволите што ги плаќаат гасните централи влијаат и врз цената на струјата произведена од обновливи извори.

Враќање кон нуклеарната енергија

Италија со децении нема нуклеарно производство, откако по референдумите во минатото се откажа од оваа технологија. Новите најави укажуваат на можен пресврт во националната енергетска политика, во обид земјата да обезбеди постабилно и поевтино снабдување со електрична енергија во иднина.

Извор: Lastampa.it

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил