ИЕА: Вештачката интелигенција го зголемува притисокот врз енергетските системи, но носи и нови решенија

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави нов извештај во кој се анализира сè посилната врска меѓу енергетиката и вештачката интелигенција (АИ), предупредувајќи дека брзиот раст на дата-центрите значително ја зголемува побарувачката за електрична енергија, но истовремено поттикнува развој на нови енергетски технологии.

Според извештајот насловен како „Клучни прашања за енергијата и вештачката интелигенција“, инвестициите во дата-центри нагло пораснале, при што капиталните трошоци на пет големи технолошки компании надминале 400 милијарди долари во 2025 година, а во 2026 се очекува дополнителен раст од 75%.

Побарувачката за струја од дата-центрите минатата година пораснала за 17%, додека потрошувачката кај центрите специјализирани за АИ растела уште побрзо, значително над глобалниот раст на побарувачката за електрична енергија од 3%.

РЕКЛАМА

ИЕА наведува дека потрошувачката на енергија по една АИ-задача брзо се намалува благодарение на подобрената ефикасност. Сепак, поради зголемениот број корисници и појавата на енергетски поинтензивни алатки, како АИ-агенти, вкупната потрошувачка продолжува да расте. До 2030 година се очекува потрошувачката на струја од дата-центрите да се удвои, а кај АИ-центрите да се зголеми тројно.

Извештајот посочува и на сериозни ограничувања за натамошен раст, меѓу кои недостиг на гасни турбини, трансформатори, напредни чипови и ИТ-компоненти, како и доцнења во приклучување на електромрежата и регулаторните процедури.

Како одговор на овие предизвици, технолошкиот сектор сè повеќе инвестира во обновливи извори, нуклеарна енергија и напредни геотермални технологии. Во 2025 година, компаниите од секторот учествувале со околу 40% од сите корпоративни договори за купување струја од обновливи извори.

Генералниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека државите кои ќе обезбедат сигурен, достапен и брз пристап до електрична енергија ќе имаат конкурентска предност во ерата на ВИ.

„Вештачката интелигенција веќе не е само потрошувач на енергија, туку станува и двигател на нови решенија, како реактори од новата генерација, флексибилни дата-центри и долгорочно складирање енергија“, рече Бирол.

Според извештајот, АИ може значително да ја подобри конкурентноста на индустријата, особено во енергетски интензивните сектори, каде компаниите би можеле да ги намалат трошоците за енергија за 3 до 10%.

Истовремено, ИЕА предупредува дека растот на дата-центрите отвора и прашања за цената на струјата и влијанието врз животната средина. Сепак, со соодветни политики, инвестиции и подобро интегрирање во електромрежите, овие ризици може да се ублажат.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил