Мицкоски: Се очекува ново намалување на цените на горивата, Македонија со најниски цени во регионот

Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција одржана во Владата на Македонија изјави дека Владата продолжува со мерки за ублажување на последиците од глобалната енергетска и ценовна криза, а за денес најави и ново намалување на цените на горивата.

„Во периодот што го минуваме најголемиот дел од активностите ги посветуваме на надминување на ценовната криза на горивата, што е значаен инпут и има влијание врз цените на производите важни за граѓаните“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека актуелните ценовни шокови не се резултат на домашни политики, туку на глобалните економски и геополитички состојби, нагласувајќи дека Владата реагира навремено за да ги заштити граѓаните и економијата.

РЕКЛАМА

Според него, мерките што ги презема Владата веќе даваат резултати, а државата е меѓу водечките европски земји според обемот на интервенции за справување со кризата.

Воедно, Мицкоски соопшти дека согласно владините проценки, Регулаторна комисија за енергетика денеска треба да донесе нова одлука за намалување на цените на горивата.

„Очекуваме Регулаторна комисија за енергетика утре да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар“, изјави премиерот.

Дополнително, останува во сила и мерката договорена со ОКТА, со попуст од 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот до крајот на април.

Тој оцени дека токму овие мерки придонеле Македонија да има најповолни цени на горивата во регионот.

„Повторно можеме да заклучиме дека сме држава којашто има најниски цени на горивата во регионот“, истакна Мицкоски.

На крајот порача дека Владата ќе продолжи со внимателно следење на состојбите и навремена реакција, со јасна стратегија и конкретни резултати.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил