ОФАК ја продолжи специјалната лиценца за НИС до 16 јуни

Американската Канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК), во рамки на Министерството за финансии на САД, ѝ ја продолжи специјалната лиценца за работа на компанијата НИС за дополнителни 60 дена, односно до 16 јуни 2026 година.

Со новата лиценца, на Нафтената индустрија на Србија ѝ се овозможува продолжување на оперативните активности, важечките договори и други деловни аранжмани, вклучително и рафинериска преработка, увоз на сурова нафта, трансакции неопходни за сигурно снабдување, техничко одржување и финансиски порамнувања.

Од НИС соопштија дека се благодарни до домашните и странските партнери кои го поддржале процесот.

РЕКЛАМА

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, оцени дека продолжувањето на лиценцата е важно за постабилно планирање на набавката на сурова нафта, сигурна работа на рафинеријата во Панчево и редовно снабдување со нафтени деривати во земјата.

Таа посочи дека примарна цел на државата е НИС трајно да биде отстранет од листата на американски санкции, со што компанијата би можела да реализира долгорочни набавки на сурова нафта. Како втор приоритет, таа го наведе зголемувањето на српскиот удел во сопственоста за пет проценти, што би овозможило поголемо влијание во управувањето со компанијата.

Ѓедовиќ Хандановиќ најави и дека се планирани разговори со претставници на унгарската компанија МОЛ, чие раководство денеска треба да пристигне во Белград, додека оперативните тимови ќе продолжат со состаноци од вторник.

Според неа, јавноста ќе биде навремено информирана за сите значајни чекори во наредниот период.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил