МЕПСО дел од стратешките разговори за иднината на европската електроенергетска мрежа

Генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, на почетокот на неделава учествуваше во Брисел на CEO Strategic Workshop организиран од страна на ENTSO-E, каде што извршни директори на европските оператори на преносни системи разговараа за идните насоки и клучните предизвици во електроенергетскиот сектор, соопшти компанијата.

Во фокусот на состанокот беа европските политики за развој на електроенергетските мрежи, потребата од јасна стратегија за сигурност и стабилност на системот, конкурентни цени на електричната енергија, како и забрзување на процесот на декарбонизација. Посебно внимание било посветено и на поефикасно внатрешно управување со операторите на системите, со цел побрзо носење одлуки во време на интензивна енергетска транзиција.

На работилницата биле разгледани и искуства од британскиот модел на систем оператор, што отвора можности за нови организациски решенија во управувањето со енергетските мрежи во Европа.

РЕКЛАМА

Присуството на МЕПСО на ваков висок европски форум претставува значајна потврда за улогата на Македонија во регионалната и европската енергетска интеграција, особено во делот на преносот на електрична енергија и поврзувањето со соседните пазари.

Ова е од особено значење за Македонија, бидејќи учеството во вакви европски стратешки процеси овозможува подобра интеграција со европскиот пазар на електрична енергија и посилно поврзување со регионалните енергетски текови. Истовремено, се отвораат можности за полесен пристап до заеднички регионални проекти и фондови за развој на енергетската инфраструктура. Ваквата соработка придонесува и за поголема сигурност во снабдувањето со електрична енергија, особено во услови на зголемени енергетски предизвици. Дополнително, се создава простор за нови инвестиции во преносната мрежа, нејзина модернизација и дигитализација, како и за побрза транзиција кон обновливи извори на енергија и одржлив енергетски систем.

ENTSO-E претставува клучна асоцијација која ги обединува операторите на преносни системи од Европа и има важна улога во креирањето политики за стабилност, безбедност и модернизација на европската електроенергетска мрежа. Во април 2026 година организацијата во Брисел одржа и Европски самит за електроенергетски мрежи, посветен на инвестиции, безбедност и развој на инфраструктурата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил