Европската комисија одобри државна помош за Бугарија, Германија и Словенија за намалување на цените на струјата

Брисел, 16 април 2026 – Европската комисија одобри три шеми за државна помош за Бугарија, Германија и Словенија со цел привремено олеснување на трошоците за електрична енергија за енергетски интензивните компании.

Мерките се усогласени со целите на Договорот за чиста индустрија и треба да помогнат во транзицијата кон економија со нето нулта емисија на штетни гасови. Одобрението е дадено во рамки на новата Рамка за државна помош за чиста индустрија, усвоена на 25 јуни 2025 година.

Вкупниот буџет на трите национални програми изнесува 4,224 милијарди евра, од кои 334 милиони евра се наменети за Бугарија, 3,8 милијарди евра за Германија и 90 милиони евра за Словенија.

РЕКЛАМА

Поддршката ќе им овозможи на компаниите од енергетски интензивните сектори делумна компензација на сметките за струја во следните три години. Мерките се насочени кон индустрии кај кои постои ризик производството да се пресели надвор од Европската Унија, во земји со пониски еколошки стандарди.

Европската комисија соопшти дека шемите ги исполнуваат сите услови, меѓу кои минимална цена на струјата од 50 евра за мегават-час, ограничено времетраење од три години и обврска корисниците да инвестираат најмалку 50% од добиената помош во модернизација и декарбонизација.

Бугарската програма ќе важи од 1 јули 2025 до 30 јуни 2028 година, а помошта ќе се исплаќа преку намалени месечни сметки за струја.

Германската мерка ќе се применува од 1 јануари 2026 до 31 декември 2028 година, при што компаниите ќе аплицираат за поддршка по завршување на секоја година.

Словенечката програма ќе трае во истиот период, а исплатите ќе се вршат двапати годишно врз основа на очекуваната потрошувачка.

Од Комисијата оценуваат дека мерките се неопходни, соодветни и пропорционални за зајакнување на конкурентноста на европската индустрија и забрзување на зелената транзиција.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил