Политико: Европјаните ја поддржуваат зелената енергија и покрај можниот раст на сметките

Европските граѓани во голем број ја поддржуваат транзицијата кон обновливи извори на енергија, дури и ако тоа значи привремено зголемување на трошоците за струја, покажува најновото истражување на „Политико“.

Анкетата, спроведена во шест европски земји, открива дека околу 60% од испитаниците сакаат Европската унија да го забрза или да го задржи сегашното темпо на премин кон чиста енергија. Најголем дел, или 39% се подготвени да прифатат повисоки сметки на краток рок за да се забрза овој процес, додека само 17% сметаат дека приоритет треба да биде најевтината енергија, без оглед на влијанието врз животната средина.

Поддршката за обновливите извори доаѓа во период кога војната во Иран ја нагласува ранливоста на Европа од глобалните пазари на нафта и гас. По намалувањето на зависноста од рускиот гас по инвазијата на Украина, Европската унија се сврте кон други добавувачи, но кризата покажа дека ризиците и натаму постојат, особено поради нарушувањата во глобалната трговија со енергенси.

РЕКЛАМА

Според Меѓународната агенција за енергија, конфликтот веќе предизвикал едно од најголемите нарушувања во снабдувањето со нафта во историјата, што повторно ја отвора дебатата за енергетската безбедност на континентот.

Европските институции ја користат ситуацијата за да ја зацврстат пораката дека преминот кон чиста енергија не е само климатска, туку и безбедносна стратегија. Зголемувањето на капацитетите за обновливи извори, зајакнувањето на електричните мрежи и поголемата интеграција на пазарите се гледаат како клучни чекори за намалување на зависноста од надворешни фактори.

Истражувањето покажува дека поддршката не е еднаква во сите земји. Италија предничи со најголем ентузијазам, каде 49% од граѓаните се за забрзување на транзицијата и покрај повисоките сметки, следена од Германија со 43%. Франција и Шпанија се блиску до европскиот просек, додека Полска значително отстапува, со само 27% поддршка за побрзи промени.

Сепак, цената останува важен фактор, 23% од испитаниците сметаат дека транзицијата треба да се забави за да се задржат пониски трошоци за енергија.

Во исто време, постои силна поддршка за поголема енергетска независност: дури 93% од анкетираните сметаат дека ЕУ треба да развие сопствени големи енергетски компании, а 96 проценти ја поддржуваат идејата за зголемени инвестиции во енергетската инфраструктура.

Анкетата била спроведена во март меѓу повеќе од 6.600 испитаници од Белгија, Франција, Германија, Италија, Шпанија и Полска.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил