Србија има потенцијал до 2032 година да биде подготвена за изградба на нуклеарна електрана, изјави министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа информираше дека во тек се активности во рамки на Меѓуресорската експертска работна група, која брои повеќе од 20 експерти од различни институции. Групата работи преку подгрупи што опфаќаат 19 инфраструктурни области, во согласност со стандардите на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Министерката потсети дека минатата година била завршена прелиминарна техничка студија за мирнодопска употреба на нуклеарната енергија, по што земјата влегла во првата фаза од нуклеарната програма.
„Голем дел од проектните задачи веќе се дефинирани. Сега е клучно да бидеме ефикасни и во краток рок да започнеме постапки за изработка на студии што ќе ги опфатат темите од првата фаза, со учество на домашни и странски експерти“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Дополнително, Француската агенција за развој изразила интерес за финансирање на дел од студиите, особено во областите како што се развој на кадри, избор на локација, вклучување на домашната индустрија и информирање на јавноста. Овие активности би се реализирале во соработка со француската компанија EDF.
Целта е до средината на следната година да бидат завршени сите неопходни студии, врз основа на кои Владата ќе може да донесе информирана одлука за понатамошната реализација на нуклеарната програма.
Според плановите, доколку процесот се одвива според предвиденото, Србија би можела по 2040 година да добие нуклеарна електрана која ќе биде приклучена на електроенергетската мрежа.
Извор: Ekapija.net
