Нафтата под 100 долари по најавата за примирје меѓу САД и Иран

Цените на нафтата паднаа под 100 долари за барел откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за двонеделно примирје со Иран, условено со безбедно повторно отворање на Ормускиот Теснец.

Брент нафтата падна за 14,9% и се тргуваше по 92,95 долари за барел, додека американската WTI нафта се намали за 16,1%, достигнувајќи 94,79 долари.

Претходно, Трамп постави рок Иран да го отвори теснецот, преку кој минуваат околу 20% од светските испораки на нафта, заканувајќи се со напади врз цивилна инфраструктура во спротивно. Подоцна, тој соопшти дека е постигнат договор за, како што напиша, „двострано примирје“.

РЕКЛАМА

Иран најави дека ќе ги запре нападите доколку престанат и нападите врз него, додавајќи дека ќе овозможи безбеден поморски сообраќај низ Ормускиот Теснец во период од две недели, во координација со своите вооружени сили.

Аналитичарите предупредуваат дека идното движење на цените ќе зависи од тоа дали преговорите ќе доведат до подолготраен договор и стабилизирање на транспортот низ теснецот. И покрај падот, неизвесноста останува висока, а геополитичкиот ризик и понатаму влијае врз пазарите.

Во меѓувреме, повеќе земји од Заливот пријавија ракетни и дронски напади или издадоа предупредувања до населението.

Според експертите, дури и во случај на мировен договор, постои ризик Иран и понатаму да го користи Ормускиот Теснец како средство за притисок, што би можело да ја одржи нестабилноста на пазарите.

Трамп изјави дека САД добиле предлог од Иран во 10 точки, кој го оцени како добра основа за понатамошни преговори, додавајќи дека страните се блиску до конечен договор за долгорочен мир.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил