Скопје. 6 април 2026 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, со која се предвидува просечно зголемување од 1,41% во однос на одлуката од 30 март 2026 година.
Одлуката ги вклучува повластената стапка на ДДВ од 10% (освен за мазутот), како и намалените акцизи – за 4 денари по литар кај дизелот и за 2 денари по литар кај бензините.
Од 7 април 2026 година, од 00:01 часот, максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 83,50 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 85,50 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 98,00 денари за литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1) – 95,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 51,311 денари за килограм
РКЕ посочува дека растот на цените е резултат на значителното зголемување на референтните цени на светските пазари, каде дизелот поскапел за над 10%, а екстра лесното масло за над 11%. Кај бензините растот изнесува околу 4%.
Комисијата им укажува на нафтените компании да продолжат да го пренесуваат ефектот од договорениот попуст со добавувачот ОКТА, односно да ги намалат цените за 3 денари по литар кај дизелот и 2 денари по литар кај бензините, со цел граѓаните директно да го почувствуваат бенефитот.
Од РКЕ нагласуваат дека без мерките на Владата – намален ДДВ и акцизи – цените ќе биле значително повисоки. Така, бензинот БС-95 би достигнал 92 денари за литар, а дизелот дури 110 денари за литар.
Станува збор за максимални цени, а трговците имаат можност да ги формираат и пониско од утврденото ниво.
Извор: РКЕ
