Муцунски учествуваше на меѓународен состанок за Ормускиот Теснец

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествувал на виртуелен состанок на шефови на дипломатии од повеќе од 40 земји, посветен на состојбата во Ормускиот Теснец и координацијата на меѓународните напори за обезбедување слободна навигација, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Состанокот, организиран од Обединетото Кралство, бил фокусиран на можностите за повторно отворање на клучниот поморски коридор во услови на зголемени безбедносни ризици и сериозни нарушувања на глобалните енергетски и трговски текови.

Според јавно достапните информации, на состанокот европските држави изразиле подготвеност да разгледаат засилен ангажман во регионот, но посочиле дека тоа би било можно само по смирување на конфликтот. Во меѓувреме, шефовите на дипломатиите договориле зголемување на дипломатскиот притисок врз Иран, вклучително и преку можни санкции, со цел да се овозможи непречен поморски сообраќај низ теснецот.

РЕКЛАМА

И покрај повиците од американскиот претседател Доналд Трамп НАТО-сојузниците да преземат водечка улога и да испратат воени бродови, европските лидери останале воздржани во однос на директна воена интервенција. Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер најавила дека ќе се разгледуваат одбранбени опции, но само во услови на деескалација.

Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон оценил дека евентуална воена операција за деблокирање на теснецот би била „нереална“, предупредувајќи на ризици од натамошна ескалација. Сличен став изразила и Германија, која најавила подготвеност за ангажман по завршување на конфликтот.

Според изнесените информации, кризата веќе има значително влијание врз глобалната трговија, при што бројот на танкери што минуваат низ Ормускиот Теснец е намален од околу 150 на 10 до 20 дневно.

Паралелно, во тек се дипломатски напори во рамки на Обединетите нации за изнаоѓање решение, но неизвесно останува дали ќе се обезбеди поддршка од сите постојани членки на Советот за безбедност.

Учесниците оцениле дека политичкиот и економскиот притисок врз Иран ќе биде клучен за надминување на кризата, додека евентуалните воени мерки остануваат условени од развојот на ситуацијата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил