ЕБОР со нов бран инвестиции во енергетиката на Балканот

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) продолжува со засилени инвестиции во енергетскиот сектор во регионот, со поддршка за неколку значајни проекти во Хрватска, Косово и Албанија.

Во Хрватска, државната енергетска компанија Хрватска електропривреда распиша тендер за изградба на соларна електрана од 56 мегавати во општината Сукошан. Проектот предвидува и инсталирање батериски систем за складирање на енергија со капацитет до 200 MWh. Инвестицијата е дел од поширок проект вреден 110 милиони евра, кој опфаќа и изградба на ветерен парк „Зелово“ од 36 MW. ЕБОР разгледува обезбедување заем од 100 милиони евра за поддршка на овој проект.

Паралелно, банката разгледува и финансирање од 40 милиони евра за изградба на две соларни фотонапонски централи со вкупен капацитет до 142 MWp во општината Исток, Косово. Проектот, чија вкупна вредност се проценува на 85 милиони евра, го развива британската компанија Quant Renewables во партнерство со фондот Green Growth Fund. По реализацијата, се очекува да стане најголемиот соларен капацитет во земјата и да придонесе за намалување на емисиите на CO₂ за околу 185 илјади тони годишно.

РЕКЛАМА

Во Албанија, ЕБОР веќе потпиша договор за суверен заем од 22,5 милиони евра со државната компанија OSHEE за изградба на подземна трафостаница во главниот град Тирана. Проектот има за цел да ја подобри стабилноста на електроенергетската мрежа и да ги намали техничките загуби, како дел од енергетската транзиција на земјата.

Овие инвестиции ја потврдуваат улогата на ЕБОР како клучен финансиски партнер во развојот на обновливите извори на енергија и модернизацијата на енергетската инфраструктура во Југоисточна Европа.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил