ENTSO-E: Системски пропусти, а не ветерната енергија, го предизвикале блекаутот на Пиринејскиот полуостров


Финалниот извештај открива комплексна комбинација на фактори и предлага итни мерки за спречување нови прекини

Минатата недела, Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија – ENTSO-E, го објави финалниот извештај за големиот прекин на електрична енергија кој се случи на 28 април 2025 година, и кој остави делови од Шпанија и Португалија целосно без струја. Документот открива дека станува збор за редок и комплексен системски колапс предизвикан од повеќе истовремени фактори, а не од поединечен извор.

Извештајот е подготвен од експертски панел кои брои 49 членови, составен од оператори на преносни системи, регионални центри, регулатори и европски институции.

РЕКЛАМА

Брз пораст на напон како тригер, слабости во системот како причина

Според наодите, непосредниот повод за блекаутот бил нагло зголемување на напонот во мрежата. Но, кризата ескалирала поради низа постоечки слабости: недоволна контрола на напонот и реактивната моќност, различни регулаторни практики, бавни системи за реакција, како и нагло исклучување на генератори во Шпанија.

Комбинацијата од овие фактори довела до синџирна реакција и колапс на делови од електроенергетскиот систем на Пиринејскиот Полуостров.

Ветерната енергија не е виновна

Во извештајот јасно се отфрлаат тврдењата дека ветерната енергија придонела за блекаутот. Напротив, се нагласува нејзината улога во стабилизирање на системот, со што се демантираат претходните дезинформации во јавноста.

Обновливите извори ја намалуваат ценовната зависност

Шпанија и Португалија се меѓу европските лидери во обновливи извори. Во Шпанија, ветерната енергија учествува со околу 25% во производството, а вкупно обновливите извори со 55%. Во Португалија тие достигнуваат дури 75% од потрошувачката.

Оваа структура овозможува помала зависност од увозни фосилни горива и поголема отпорност на ценовни шокови. Според анализите, цените на електричната енергија во Шпанија остануваат значително пониски во однос на земјите како Италија, каде зависноста од природен гас е поголема.

Препораки: модернизација, координација и нови регулативи

ENTSO-E препорачува низа мерки за спречување слични инциденти:
– подобрување на оперативните процедури,
– напреден мониторинг на мрежата,
– засилена координација и размена на податоци меѓу операторите,
– адаптација на регулаторните рамки кон новите услови во енергетиката.

Предупредување за Европа

Извештајот оценува дека „Пиринејскиот блекаут“ е прв настан од ваков тип и служи како предупредување дека локалните нарушувања можат да предизвикаат пошироки системски последици. Се потенцира потребата од посилна европска координација и усогласување на енергетските политики со реалните технички ограничувања на системот.

Извор: ENTSO-E

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил