Русија со ограничени можности за пренасочување на ЛНГ од Европа кон Азија

Заканата на Русија да ги прекине испораките на течен природен гас (ЛНГ) за Европа и да ги пренасочи кон Азија е тешко остварлива поради високите транспортни трошоци, ограничената флота и структурата на долгорочните договори, оценуваат аналитичари од енергетскиот сектор.

Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот нам месецов изјави дека Москва размислува за итно запирање на испораките за европскиот пазар и насочување кон други купувачи. Сепак, експертите посочуваат дека најголем дел од рускиот ЛНГ е врзан со долгорочни договори, што значително ја ограничува флексибилноста за пренасочување.

Европската Унија во 2025 година увезла речиси 15 милиони тони ЛНГ од рускиот проект Јамал ЛНГ, при што околу 70% од тие количини се под долгорочни договори. Аналитичарите проценуваат дека максимум 1,7 милиони тони би можеле да се пренасочат кон Азија оваа година, што претставува мал дел од вкупниот европски увоз.

РЕКЛАМА

Дополнителен предизвик е транспортот. Најкратката рута кон Азија, односно Северноморскиот пат е достапна само во летните месеци. Во остатокот од годината, танкерите мора да пловат преку Суецкиот канал или околу ртот Добра Надеж, што значително го продолжува времето на испорака и ги зголемува трошоците.

За одржување на сегашното ниво на извоз и истовремено снабдување на азиските пазари, руската компанија Новатек би требало да ангажира дополнителни 25 до 35 специјализирани танкери во зимскиот период.

Покрај логистичките проблеми, Русија се соочува и со финансиски ограничувања. Иако проектот Јамал не е директно санкциониран, дел од руската енергетска инфраструктура и финансискиот сектор се под санкции, што го отежнува финансирањето и наплатата на нови испораки.

Зголемените трошоци за транспорт поради кризата на Блискиот Исток дополнително ја намалуваат исплатливоста. Аналитичарите оценуваат дека пренасочување кон Азија би било возможно само со значителни попусти, што пак може да не биде доволно атрактивно за ценовно чувствителните купувачи.

Како најверојатен купувач се посочува Кина, која веќе апсорбира дел од рускиот ЛНГ по намалени цени, но се очекува да бара дополнителни попусти за нови количини.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил