Јоргенсен: ЕУ мора да ја преземе контролата врз својата енергетска иднина

Европа повторно се соочува со последиците од сопствената зависност од фосилни горива, предупреди европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен во обраќање пред Eвропскиот Парламент, повикувајќи на забрзана енергетска трансформација и поголема независност.

Во говор со јасен историски осврт, Јоргенсен потсети дека енергетските кризи се повторуваат со децении, од Суецката криза, преку нестабилноста во 1970-тите, до руската инвазија врз Украина, и секогаш резултираат со ист исход: нестабилни пазари и раст на цените во Европа. „Кога ќе научиме?“, праша тој, нагласувајќи дека ЕУ не смее повторно да ги повторува истите грешки.

Според него, најновата геополитичка криза и тензиите на Блискиот Исток, вклучително и блокадата на Ормускиот теснец, повторно ја разоткриваат ранливоста на Европа на глобалните пазари на енергенси. Иако физичкото снабдување засега е обезбедено, ценовните шокови веќе ги погодуваат граѓаните и компаниите, што бара итен, но внимателно насочен одговор.

РЕКЛАМА

Јоргенсен посочи дека Европската Комисија ќе интервенира во сите клучни сегменти што ја формираат цената на електричната енергија, од трошоците за енергенси и мрежните давачки, до даноците и системот за јаглеродно оданочување. Планираните мерки вклучуваат поголема флексибилност за државна помош кон индустријата, можност за намалување на даноците за струја и дополнителна поддршка за инвестиции во чиста енергија.

Воедно, тој ги повика земјите членки да обезбедат директна поддршка за најранливите домаќинства и да спречат енергетска сиромаштија, користејќи механизми кои веќе беа применети за време на пандемијата и енергетската криза во 2022 година.

Сепак, централната порака на говорот беше дека краткорочните мерки не се доволни без суштинска промена. Европа, според Јоргенсен, мора да ја засили изградбата на обновливи извори, да ја модернизира електроенергетската мрежа и да создаде вистински интегриран пазар на електрична енергија, со цел трајно да ја намали зависноста од увозни фосилни горива.

Тој нагласи дека стратегијата за напуштање на руските енергенси останува во сила и дека идните политики ќе бидат насочени кон енергетска ефикасност, електрификација и диверзификација на снабдувањето.

„Изборот е наш – дали 2026 ќе биде уште една година во низа кризи или пресвртна точка кога Европа ќе ја преземе контролата врз сопствената енергетска иднина“, порача Јоргенсен.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил