Речиси 40% од рускиот извозен капацитет на нафта е ставен во мирување по серијата напади со дронови, оштетувања на клучната инфраструктура и заплените на танкери, покажуваат пресметки на агенцијата „Ројтерс“.
Ова претставува најголемо нарушување на снабдувањето со нафта во поновата историја на Русија, вториот најголем светски извозник, во момент кога цените на светските пазари надминаа 100 долари за барел.
Според податоците, околу 2 милиони барели дневно извозен капацитет се надвор од функција. Меѓу погодените објекти се клучните западни пристаништа Новоросијск на Црното Море и Приморск и Уст-Луга на Балтикот, како и делови од нафтоводот „Дружба“, кој преку Украина снабдува повеќе европски земји.
Украина во текот на месецов ги интензивираше нападите врз руската нафтена и горивна инфраструктура, вклучително и пумпни станици и рафинерии. Киев наведува дека целта е намалување на приходите од нафта и гас, кои учествуваат со околу 25% во рускиот буџет, како и ослабување на воените капацитети на Москва.
Дополнителен удар врз извозот претставуваат оштетувањата на терминалот во Новоросијск, кој работи под својот капацитет од 700.000 барели дневно, како и честите заплени на танкери поврзани со Русија во Европа, што го нарушува извозот од арктичките региони.
Поради ограничувањата на западните рути, Русија сè повеќе се насочува кон азиските пазари. Испораките кон Кина продолжуваат преку постојните нафтоводи и пацифичките пристаништа, со вкупен обем од околу 1,9 милиони барели дневно, додека дополнителни количини се извезуваат од проектите на Сахалин и кон Белорусија.
Сепак, трговците предупредуваат дека алтернативните рути не се доволни целосно да го надоместат изгубениот капацитет, што може да предизвика дополнителен притисок врз глобалните енергетски пазари во наредниот период.
Извор: Ројтерс
