Брисел. 24 март 2026 – Европската комисија го одложи поднесувањето на законскиот предлог за трајна забрана на увоз на руска нафта, кој првично беше најавен за 15 април, покажува ажурираната законодавна агенда на Европската унија.
Иако рокот е поместен, од Европската комисија појаснуваат дека предлогот не е повлечен, туку неговото објавување е одложено поради „тековните геополитички случувања“. Според официјални извори, нов датум сè уште не е утврден.
Одложувањето доаѓа во услови на сериозни нарушувања на глобалниот пазар на нафта, предизвикани од војната меѓу САД, Израел и Иран, која, според Меѓународната агенција за енергија, создава најголем прекин во снабдувањето со нафта во историјата и доведува до нагло зголемување на цените.
Предлогот на ЕУ предвидува целосно укинување на увозот на руска нафта најдоцна до крајот на 2027 година, со што оваа мерка би станала дел од законската рамка на Унијата. Дополнително, забраната би останала во сила дури и во случај на евентуално укинување на санкциите кон Русија по постигнување мировен договор за Украина.
Иако мерката нема да има значително непосредно влијание врз снабдувањето, со оглед дека ЕУ веќе го намали увозот на руска нафта на само 1% до крајот на 2025 година, Брисел настојува долгорочно да ја зацврсти енергетската независност од Москва.
Во моментов, Унгарија и Словачка се единствените земји членки кои сè уште увезуваат руска нафта. Прашањето дополнително ги заострува односите во Унијата, особено по политичките несогласувања околу енергетската политика и поддршката за Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна изјави дека враќањето кон руските енергенси би било „стратешка грешка“ што би ја направила Европа поранлива.
Извор: Ројтерс
