Војната меѓу САД и Иран предизвика поголеми нарушувања на глобалните пазари на нафта и гас отколку руско-украинскиот конфликт, изјави извршниот директор на Chevron, Мајк Вирт.
Говорејќи на енергетската конференција CERAWeek во организација на S&P Global, Вирт нагласи дека светот ќе се соочи со сериозни предизвици при обновувањето на синџирите на снабдување и резервите на нафта, дури и откако ќе се отвори клучниот Ормуски Теснец.
„Имаме значителни количини на нафта и гас кои во моментов не стигнуваат до пазарот. Физичките синџири на снабдување не реагираат веднаш, па дури и по повторното отворање на теснецот ќе биде потребно време за да се обноват резервите со соодветни типови на сурова нафта и горива“, изјави Вирт.
Тој предупреди дека нападите врз нафтените танкери и пошироките последици од конфликтот на Блискиот Исток предизвикале подлабоки пореметувања отколку војната во Украина. Како резултат на тоа, дел од азиските земји веќе се соочуваат со недостиг на дизел и авионско гориво.
Дополнително, конфликтот ги одложил испораките на течен природен гас, ѓубрива и други клучни производи, што создава дополнителен притисок врз глобалната економија.
Вирт посочи дека во моментов е тешко да се процени точниот обем на штетата, бидејќи не е јасно колкав дел од производството е прекинат и колку инфраструктура е оштетена.
На истиот настан, американскиот секретар за енергетика Крис Рајт оцени дека нарушувањата во снабдувањето со нафта и гас најверојатно ќе бидат краткорочни, но ги повика компаниите да го зголемат производството.
„Пазарите функционираат така што високите цени испраќаат сигнал до производителите да произведуваат повеќе“, изјави Рајт.
Извор: Politico.com
