Меѓународната агенција за енергија – ИЕА предупредува дека светот се соочува со најголемиот прекин во снабдувањето со нафта во историјата, како последица на војната на Блискиот Исток, и нуди сет на итни мерки за намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и економиите.
Во најновиот извештај објавен денес, Агенцијата наведува дека конфликтот довел до сериозни нарушувања во транспортот на нафта преку Ормускиот теснец, клучната енергетска артерија низ која во нормални услови минуваат околу 20 милиони барели дневно, или приближно 20% од глобалната потрошувачка. Во моментов, овој проток е сведeн на минимум, што предизвика значително затегнување на пазарите и раст на цените на нафтата над 100 долари по барел, со уште поизразени поскапувања кај дериватите како дизелот, авионското гориво и течниот нафтен гас (ТНГ).
ИЕА оценува дека обновувањето на транспортот низ Ормускиот теснец е клучно за стабилизација на глобалните енергетски пазари. Во меѓувреме, земјите преземаат паралелни мерки и на страната на понудата и на побарувачката. На 11 март, членките на Агенцијата се договорија за ослободување на 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, најголем ваков потег во историјата на организацијата. Но, според извештајот, ваквите интервенции не се доволни сами по себе.
„Војната на Блискиот Исток создава сериозна енергетска криза, со најголемо нарушување на снабдувањето досега. Без брзо решение, последиците врз економиите ќе стануваат сè потешки“, изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол. Тој нагласи дека покрај ослободувањето на резерви, клучна улога имаат и мерките за намалување на побарувачката, кои можат веднаш да ги ублажат ударите врз потрошувачите.
Извештајот идентификува десет конкретни чекори што можат брзо да се применат од страна на владите, бизнисите и домаќинствата. Најголемиот фокус е ставен на патниот транспорт, кој учествува со околу 45% во глобалната побарувачка на нафта.
Меѓу најзначајните препораки се зголемено користење на работа од дома, намалување на дозволената брзина на автопатите за најмалку 10 километри на час, како и поттикнување на јавниот превоз наместо користење приватни возила. Дополнително, се предлага воведување на ротација на возила во големите градови според регистарски таблички, поголема употреба на споделени возења и поефикасни навики при управување со возилата.
Во однос на другите сектори, ИЕА препорачува ограничување на авионските патувања кога постојат алтернативи, со цел да се намали притисокот врз пазарот на авионско гориво. Кај домаќинствата, се предлага пренасочување на ТНГ кон основните потреби како готвење, како и поттикнување на користење алтернативни, почисти решенија таму каде што е можно.
Индустријата, исто така, има значајна улога, особено преку можноста за замена на ТНГ со други суровини како нафта или нафта-деривати во петрохемиското производство, со што би се ослободиле дополнителни количини за најнеопходни намени.
Владите, според ИЕА, треба да предводат со пример преку регулаторни мерки и прецизно насочена финансиска поддршка. Искуствата од претходните кризи покажуваат дека таргетираните мерки се поефикасни и поодржливи од широките субвенции. Иако мерките за намалување на побарувачката не можат целосно да го надоместат изгубеното снабдување, тие можат значително да придонесат за намалување на цените, стабилизирање на пазарите и обезбедување доволни количини енергенси за најкритичните потреби – сè до нормализирање на глобалните текови на нафта.
Конкретно, ИЕА ги предлага следниве препораки:
- Работа од дома каде што е можно. Се намалува потрошувачката на нафта поврзана со секојдневното патување до работа, особено за работни места што овозможуваат далечинска работа.
- Намалување на ограничувањата на брзината на автопатите за најмалку 10 km/h. Пониските брзини ја намалуваат потрошувачката на гориво кај патничките возила, комбињата и камионите.
- Поттикнување на користење на јавен превоз. Преминувањето од приватни автомобили кон автобуси и возови може брзо да ја намали побарувачката на нафта.
- Алтернативно користење на приватни возила во големите градови (по денови). Системите со ротација на возила според регистарски таблички можат да го намалат метежот и возењето со висока потрошувачка на гориво.
- Зголемување на споделеното користење на автомобили и примена на ефикасни навики за возење. Поголем број патници по возило и т.н. „еко-возење“ овозможуваат брзо намалување на потрошувачката.
- Ефикасно возење кај комерцијалните возила и транспортот на стоки. Подобри возачки практики, редовно одржување на возилата и оптимизација на товарот ја намалуваат потрошувачката на дизел.
- Пренасочување на употребата на ТНГ од транспортот. Возилата што користат ТНГ да се префрлат на бензин, со цел да се зачува LPG за готвење и други основни потреби.
- Избегнување на авионски патувања кога постојат алтернативи. Намалувањето на деловните летови може брзо да го намали притисокот врз пазарот на авионско гориво.
- Користење алтернативни модерни решенија за готвење каде што е можно. Поттикнување на електрично готвење и други современи опции за да се намали зависноста од ТНГ.
- Користење флексибилност во изборот на суровини во индустријата и спроведување краткорочни мерки за ефикасност и одржување. Индустријата може да ослободи количини на ТНГ за клучни намени и истовремено да ја намали потрошувачката на нафта преку брзи оперативни подобрувања.
Извор: IEA.org
