Скопје. 16 март 2026 – Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија со нова одлука ги утврди највисоките малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе стапат во сила од 17 март во 00:01 часот.
Од Комисијата информираат дека трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и пониско од утврдените максимални износи, бидејќи одлуките на РКЕ ги регулираат само највисоките дозволени цени.
Според новата пресметка, максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
- Еуросупер БС-95: 86,50 денари за литар (зголемување од 7 денари)
- Еуросупер БС-98: 88,50 денари за литар (зголемување од 7 денари)
- Еуродизел БС (Д-Е V): 92,00 денари за литар (зголемување од 6,50 денари)
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 89,50 денари за литар (зголемување од 7 денари)
- Мазут М-1 НС: 47,453 денари за килограм (зголемување од 4,867 денари)
Во споредба со одлуката од 9 март, бензините и екстра лесното масло поскапуваат за 7 денари по литар, дизелот за 6,5 денари по литар, додека мазутот поскапува за 4,867 денари по килограм. Во просек, цените на нафтените деривати се зголемени за 8,98 проценти.
Од РКЕ посочуваат дека новото поскапување е резултат на растот на берзанските цени на нафтените производи на светскиот пазар, како и на континуираното зајакнување на американскиот долар во однос на денарот во изминатите пет дена.
Во меѓувреме, Комисијата им укажува на нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за 2 денари по литар, согласно договорениот попуст меѓу Влада на Република Северна Македонија и главниот добавувач ОКТА, со цел граѓаните директно да го почувствуваат ефектот од ова намалување.
И покрај новото зголемување, од РКЕ нагласуваат дека цените на горивата во Македонија и натаму остануваат меѓу најниските во регионот и во Европа.
Извор: РКЕ
