ЕМБЕР: Новиот скок на цените на гасот повторно ја открива енергетската ранливост на Европа

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика нов драстичен раст на цените на природниот гас и повторно ја истакна зависноста на Европа од фосилните горива, се наведува во најновата анализа на енергетскиот тинк-тенк ЕМБЕР.

Според анализата, во првите десет дена од кризата цената на гасот во Европа нагло пораснала, што довело до повеќе од 50% зголемување на трошоците за производство на електрична енергија од гас. Истовремено, растот на цените на фосилните горива ја зголемил сметката на Европската унија за увоз на енергенси за околу 2,5 милијарди евра.

Причина за ценовниот шок е ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, по која Иран практично го затвори Ормускиот теснец, преку кој годишно минува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.

РЕКЛАМА

Дополнително, нападите врз инфраструктура во регионот доведоа до затворање на катарскиот комплекс Ras Laffan, кој произведува приближно 20% од светските количини на LNG.

Како резултат, европската референтна цена на гасот (TTF) во првата недела од кризата достигнала просек од 45 евра за мегават-час, што е речиси 50% повеќе од нивото пред ескалацијата.

Ризик за цената на струјата

Анализата на ЕМБЕР посочува дека скокот на цената на гасот директно влијае врз цената на електричната енергија, бидејќи гасните електрани често ја одредуваат пазарната цена во европскиот електроенергетски систем.

Трошокот за производство на електрична енергија од гас, според проценките, во краток рок пораснал за повеќе од 50%, а влијанието на овој раст е двојно поголемо од трошокот за јаглерод во рамките на European Union Emissions Trading System.

Според анализата, јаглеродниот трошок во моментов учествува со најмногу околу 10% во вкупната сметка за електрична енергија на европските домаќинства, што е помалку од просечната стапка на ДДВ за струја во ЕУ.

ЕМБЕР нагласува дека влијанието од ценовниот шок не е еднакво во сите европски земји. Државите кои во помала мера се потпираат на гас за производство на електрична енергија се значително поотпорни на ценовни скокови.

Како пример се наведува Шпанија, каде гасот влијаел врз цената на струјата во само 15% од часовите во 2026 година. Наспроти тоа, во Италија гасните електрани ја одредувале пазарната цена во 89% од времето, што ја прави земјата многу поранлива на ценовните шокови.

Поради тоа, просечните цени на електричната енергија во Шпанија остануваат пониски од оние во земјите со голем капацитет на гасни електрани.

Поука од новата криза

Според аналитичарите на ЕМБЕР, најновата криза повторно покажува дека нестабилноста на цената на гасот има далеку поголемо влијание врз сметките за струја отколку климатските политики или цената на јаглеродните дозволи.

„Глобалните конфликти повторно ја зголемија цената на гасот, со потенцијално сериозни економски последици за региони кои зависат од увоз на енергија“, предупредуваат авторите на анализата.

Тие заклучуваат дека развојот на обновливи извори, складирањето на енергија, флексибилната потрошувачка и електрификацијата се единствениот начин Европа да ја намали зависноста од фосилните горива и да се заштити од идни енергетски ценовни шокови.

Извор: Ember-energy.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил